Познато ли ви е ова?!
» Најверојатно не, затоа што овој камион беше реткост и кога беше нов, а не пак сега. Ретко кој знае дека во времето на СФРЈ, и Хрватска имаше свој производител на камиони – фирмата Torpedo од Риека, која, патем кажано, е основана 1853 година како производител на бродски сидра. Нејзините трактори карактеристични по зелената боја се среќаваа и кај нас, но камионите скоро и да не – воопшто на целата територија на Југославија ги имаше премалку за да бидат попознати. Причината за тоа е самата приказна за нејзиното настанување како плод на заедничката соработка со романската фабрика Steagul Rosu (подоцна Roman) од Брашов, која ги произведуваше шасијата, менувачот и надградба, а Torpedo дизел моторот од сопствен развој кој развиваше 95 KS. А тој трошеше 14 литри кога камионот беше празен. Полн, пак, можеше да понесе пет тони товар. Максималната брзина му беше 80 километри на час. Се произведуваа кратко време на почетокот на седумдесеттите години и беа со катастрофален квалитет. На располагање беа во три верзии, со ознаки N (нормална должина), L (продолжена верзија) и K (тристран кипер). Мал дел од произведените камиони се отстапуваше на романската фабрика која пак преку пристаништето во Риека ги извезуваше како свои. Не е познато колку примероци се произведени.