Tags: , , ,
Citroen C4 и ë-C4 (галерија, 105 фотографии)

Сакате електрика, бензин или можеби дизел?

» Електрификацијата на Citroen продолжува со засилено темпо. По C5 Aircross, Ami, Jumpy и SpaceTourer, на ред дојде и хечбекот со компактни димензии, C4. Принципот врз една платформа да се прават модели кои се задвижуваат на бензин или дизел, но и на чиста електрика, во PSA веќе стана службена стратегија. Посветеноста кон развој на возила со нулта емисија како и богатото SUV-портфолио дава одлични резултати. C3 Aircross и C5 Aircross во Европа лани се продадоа во 300, односно 200 илјади примероци. Ако се знае дека на компактните хечбек верзии им припаѓа 28% од европскиот пазар, тогаш станува јасна посветеноста на Citroen кон новите ë-C4 и C4.

Иновациите кај него започнуваат со дизајнот – тој веќе не е класичен хечбек, туку како што трендовите наложуваат тргна накај кросоверскиот сегмент, нешто што порано беше неговиот полубрат DS 4. Доста самоуверено мора да признаеме – после ваквиот комплетен пресврт Citroen C4 стана интересен автомобил со необичен и привлечен изглед. На предниот дел се истакнуваат два пара светла (ЛЕД ленти горе и исто ЛЕД светла долу) кои заедно со маската ја формираат буквата X. Погледот на бочните страни открива трендовска купе линија која завршува со подигнати крила, спуштено стакло и атрактивен спојлер. Заради малку намуртениот заден дел кој ја истакнува агресивноста ќе биде неможно новиот C4 да не се забележи.

Во внатрешноста очекувано владее дигиталната технологија. Пред возачот е електронска инструмент табла, а над централната конзола 10-инчен екран чувствителен на допир преку кој се управува со повеќето функции на возилото. Но не со сите – контролите на климатизацијата се со класични копчиња, што е за секоја пофалба. За безбедноста се задоени дури 20 системи за помош на возачот, а комфорот е поле на кое Citroen не остава воопшто простор за било какви забелешки. Advanced Comfort системот кој вклучува прогресивни хидраулични граничници способен е за „пеглање“ на сите нерамнини. Тоа е традиција од која никој не сака да отстапи. Бензинската моторна понуда ја сочинуваат PureTech агрегатите со 100, 130 и 155 KS, дизелската BlueHDi моторите со 110 и 130 KS, додека електричната верзија ја има познатата погонска група од 136 KS, чии батерии од 50 kWh обезбедуваат автономија од 350 километри.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *