Мечка страв, мене не страв!
» При крајот на ’70-тите години, поимот Mercedes го дефинираше моделот W123. Компанијата тогаш не сакаше ни да помисли да бара негова замена, но сериозно размислуваше за модел помал од него. Сепак планетарниот успех на W123 го направи развојот на новиот модел проблематичен – тој ем мораше да биде помал, ем подобар од него. А тоа ни малку не беше лесно да се оствари. Затоа и Mercedes цели осум години, односно започнувајќи две години пред појавувањето на W123, работеше на помалиот од него модел, како подоцна новинарите го нарекоа Baby-Benz.
На сите им е јасно дека задачата воопшто не им беше лесна, но Германците, од денешен аспект гледано, навистина го загубија компасот во нејзиното реализирање. Потрошија скоро две милијарди марки и сé што развија за сите осум години вградија во 190. Затоа и тој, иако требаше да биде помал (а со тоа и поевтин) Mercedes од W123, испадна поскап. Но сето вложено им се исплатеше – за нешто повеќе од една деценија колку се произведуваше, Mercedes 190 во сите свои варијанти беше направен во 1.879.629 примероци. Од нив една третина беа дизел од некоја од четирите верзии со моќност меѓу 72 и 126 KS со кои се испорачуваше, а најпродаван беше во 190 Е изведбата со дволитарски мотор и 122 KS. Беше во понуда и со мотори со шест бензински цилиндри, од кои најсилниот со 234 коњи, но само многу мал број купувачи се одлучија за нив.
Mercedes во 1993 година го замени овој модел со C-класата, која ја имаше интерната ознака W202. Освен во две фабрики во Германија, 190 се произведуваше уште и во Полска и Тајланд, а го бендисаа и во Северна Кореја каде без знаење и одобрување на Германците направија негова верна копија која во минимални количини ја пласираа на домашниот пазар под ознаката Kaengsaeng 88.