Како настанал спрејот кој поправа сé
» Историски факт е дека за време на војна настануваат најнапредните технички достигнувања. Дури и кога војната ја нема, воената индустрија е таа што со своите практично неограничени буџети го финансира истражувањето на пронајдоците од кои можеби ќе има некаква стратешка предност. Таква позадина има и приказната за настанувањето на WD-40, спрејот кој денес како лек кој поправа сé.
Иако нашироко распространет, никој не знае што значи неговата ознака и како настанал. Неговата историја е поврзана со Ивер Норман Лосон кој успеал да создаде средство за заштита од ‘рѓа на интерконтинентални балистички проектили. И тоа од дури од 40-тиот обид што е содржано во ознаката на производот, додека буквите се кратенка од Water Displacement, односно отстранувач на вода. Тој во 1953-та година на компанијата Rocket Chemical за само 500 долари (во денешна вредност од околу 5.700 долари) ја има продадено формулата која до денес не е патентирана ниту пак некој успеал да ја открие нејзината тајна. Се претпоставува дека се темели на јагленоводородни соединенија со мали количини рибино масло.
Но за разлика од инвентиторот Лосон, раководните луѓе на Rocket Chemical се покажале како многу подобри бизнисмени и го спакувале неговото соединение во спреј со препознатлив дизајн и го лансирале на пазарот во 1958 година. Не требало да помине многу време производот да стане популарен не само за индустриска туку и за домашна употреба, по што во ’69-тата компанијата се преименува WD-40 Company, според единствениот производ што го произведуваше тогаш. Денес компанијата тежи 2,5 милијарди долари.