Успешен социјалистички пандан на VW Transporter
» Ова комби со култен статус во Чехословачка ја има една од најдолгите истории во светот на автомобилите – се произведуваше половина век. Имаше улога во сите сфери на социјалистичкото општество на земјата (па и после него), но и во животот на секој нејзин жител. И тоа буквално – беше достапно и како амбулантно и како погребно возило. Приказната за него досега до ’50-тите години. Тогаш во фабриката на Škoda во Врхлаби во денешна Чешка се произведуваше доставната верзија на моделот 1201, подоцна заменет со 1202, кои втемелени на патничките автомобили нудеа ограничен простор и скромни товарни можности. Бидејќи земјата имаше потреба од посериозно комерцијално возило, пролетта 1956 година инженерите започнаа да развиваат камионет кој подоцна се претвори во комби. Развојот траеше долго, најмногу заради неможноста да се обезбедат добавувачи на делови и компоненти, така што тоа конечно дебитираше во 1968 година на инженерскиот саем во Брно. Иако настанот беше засенет од воената интервенција на Варшавскиот пакт за да се загуши Прашката пролет, му предвидуваа светла иднина што подоцна се покажа точно.
Škoda 1203 технички беше добро замислено комби со мотор под предните седишта, што до тогаш не беше чест случај. Со тоа се доби на простор во внатрешноста на возилото кое беше долго 4.520, широко 1.800 и високо 1.900 mm. Моторот со работна зафатнина од 1.221 cm³ и 49 KS преку четиристепен менувач ги задвижуваше задните тркала и овозможуваше максимална брзина од 90 до 95 km/h во зависност од изведбата. Беше достапно во патничка верзија, како фургон со 5,2 m³ товарен простор, камионет со носивост од 1.000 kg и во бројни други наменски изведби. На почетокот се произведуваше во Врхлаби, а од 1973-тата делумно и во компанијата TAZ од Трнава, сегашна Словачка, каде во 1981 година беше преселено целото производство. Тогаш ознаката му беше сменета во TAZ 1203, а со модернизацијата пет години подоцна кога доби посилен 1,4 литарски мотор со 57 KS, во TAZ 1500. Со малосериско производство во приказната за ова комби во 1994 година се вклучува и чешката компанија Ocelot Auto, која две години по прекинувањето на неговото производство во TAZ во ’97-мата, од пропаднатата фирма ги откупува техничката документација и правата за негово производство, одржувајќи го во живот (со нови и ремонтирани делови и компоненти за да се заобиколат строгите еколошки норми) сé до 2017 година.
Интересно е што ова возило во неговата матична змеја не можеа да го купат приватни лица туку само државни фирми и кооперации, но затоа се извезуваше во Франција и Белгија, па дури и во Египет.