Пред сé добар бизнисмен
» Alfa Romeo е општо познато и ценето име, но само најстрастните познавачи на марката знаат како има настанато. Имено, првиот дел е кратенка од Anonima Lombarda Fabbrica Automobili, називот под кој миланскиот аристократ Уго Стела заедно со група пријатели во 1910 после откупувањето ја има преименувано италијанската подружница на познатиот француски производител на автомобили Darracq. Вториот дел од името кој го има добиено десет години подоцна всушност е презимето на неаполскиот бизнисмен со густи црни мустаќи Никола Ромео по кои лесно ќе го препознаете на силиката, кој во 1915-тата ја купи компанијата. Но тоа тој не го направи заради некаков углед, иако моделите на A.L.F.A. имаа солидни тркачки и продажни резултати – тој примарно беше заинтересиран за фабричките капацитети кои му беа потребни за производство на муниција и воена опрема во тек на првата светска војна. Дури и после нејзиното завршување воените нарачки останаа приоритет, така што тој всушност воопшто не сакаше повторно да го покрене производството на автомобили додека не сфати дека низ магацините стојат делови од кои можат да се склопат стотина возила од предвоените модели. Тоа и го направи, а ентузијазмот на неколкумина вработени меѓу кои и легендите како Виторио Јано и Енцо Ферари доведе до засилување на спортските успеси на компанијата. Тоа не штетеше на пазарниот углед, но Никола Ромео сепак не се премисли – ја цедеше компанијата сé додека имаше воени нарачки, а кога нив ги снема, во 1928 година се повлече од приказната која всушност воопшто и не го интересираше. А токму тогаш, случајно или не, започнаа и најславните и највозбудливи периоди во историјата на марката, одбележани со незаборавните модели 6C и 8C.