Tags: , ,
Годинава што измина Турција доби сопствен елeктричен SUV

Прво, па електрично

» Турција има развиена автомобилска индустрија. Во погоните ширум земјата се произведуваат разни модели од светските марки. Но, сонот за автомобил кој ќе биде развиен и произведен од сопствени капацитети, е дамнешен. Сега, со претставувањето на првиот модел на новата компанија, се чини дека реализацијата на тој сон веќе е извесност. Лично претседателот Реџеп Таип Ердоган присуствуваше на промоцијата на електричниот прототип на почетокот на годинава која измина, говорејќи за историски ден за Турција. Новата компанија TOGG (Türkiye’nin Otomobili Girişim Grubu), основана од пет индустриски гиганти, во овој проект веќе има вложено над 3,3 милијарди евра, а во иднина планира да конструира цела палета на електрични модели. Првиот е електричен SUV со еден или два електромотора и автономија до 500 километри, со кој TOGG цели кон меѓународен успех.

Домашен производ

За дизајнот на електричниот SUV од Ц-сегментот кој на пазарот се очекува во 2022 година, беше задолжено студиото Pininfarina но свој удел има дадено и дизајнерот Мурат Гунак кој долго време дизајнираше за Mercedes. Засега овој модел сé уште нема службено име, но секако набргу ќе го добие. Во оваа фаза очигледна е желбата за промоција на новиот бренд. Кога во близина на Бурса ќе бидат изградени производните погони, планирано е производство на 175 илјади единици. Од таа количина турската држава се обврзува до 2035-тата да откупува по 30 илјади примероци во секоја календарска година. Бурса и околината не случајно се избрани за локација на новиот производител затоа што таму подолго време функционираат погони на Renault, а и голем број на производители на компоненти за прво вградување се сместени токму во тој регион.

Технологија

За погон на одлично спакуваниот SUV е предвиден еден електромотор од 200 KS кој ќе биде вграден на задната оска. Опциски ќе се нуди и погон на сите тркала кој ќе биде постигнат со вградување на уште еден идентичен мотор на предната оска. Вкупната силина од 400 KS делува ветувачки, а првичните податоци говорат за забрзување од само 4,8 секунди. Идните корисници ќе можат да бират помеѓу два пакети на батерии кои овозможуваат автономија од 300 односно цели 500 километри. Кога се говори за сетот батерии засега е само познато дека и тоа ќе биде од домашно производство, што бездруго е поскапа варијанта, но нели, станува збор за производ кој е во целост дело на домашната индустрија. Уште еден детал говори за посветеноста на конструкторите и желбата уште од самиот почеток да понудат светски конкурентен модел. Тоа секако е организацијата на внатрешноста и сетот екрани на кои се добиваат ситe потребни информации, а воедно служат и за командување со примарните и секундарните функции.

Темелите на новите производствени погони веќе се поставени и почетокот на производство закажано за 2022 година, сигурно ќе биде запазен. Во меѓувреме ќе очекуваме подетални информации околу техничките спецификации, текот на изградба на фабриката како и евентуалните варијации на тема електрични седан и хечбек.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *