Tags:
Што е мултилинк (видео)

Добро е да се знае

» Автомобилското ослонување ги презема надолжните и попречни сили кои делуваат на тркалата, претворајќи ја целокупната потенцијална енергија на автомобилот (заради тежината и оптоварувањето) и дел од кинетичката во енергија на сопствена еластична деформација. Ослонувањето ги придушува преземаните динамички оптоварувања, спречува вибрациите на каросеријата и води тркалата, со минимални поместувања на надолжниот и бочниот наклон. Може да биде зависно и независно. За разлика од зависното ослонување (крут мост), кај независното диференцијалот е круто поврзан со каросеријата, а еластично со тркалата. Секое тркало засебно се води со помош на водилки, лостови и рамења, а со диференцијалот е поврзано со полуоски (иако технички е поисправно да кажеме полувратила) и хомокинетички зглобови. Негови битни предности се што секое тркало ја задржува најповолната геометрија бидејќи поместувањето на едно не влијае на положбата на другото и тоа што се намалуваат штетните неослонети маси.

За стабилноста е важно да се задржат најповолните агли на надолжниот и бочниот наклон на тркалата. Конструкциите со едно надолжно или попречно раме тоа не го овозможуваат. Тоа се постигнува со мултилинк (повеќезглобно, со повеќе врски) ослонувањето кое ги обединува предностите на зависното и независното ослонување. Се состои од повеќе водилки, рамења и сврзни елементи со прилагодени еластично-придушни својства. Со тоа се овозможува самоуправливоста на тркалата (подесување на свртеноста и надолжниот и бочен наклон) и ослонувањето самостојно ја подесува патеката и намалува занесувањето. Тоа е важно при брзо возење низ свиоци, посебно при наидување на нерамнини или лизгава подлога, како и при нагло кочење и забрзување.

Заради големите предности мултилинк ослонувањето се вградува во сé повеќе автомобили на задната оска. Недостатоци му се размерно високата цена и зафаќањето простор што влијае на големината на багажникот. Заради тоа за средната и вишата класа е стандард, за ниската е прескап и зафаќа премногу простор, а во компактната класа ситуација донекаде е изедначена, со тенденција за негово поголемо присуство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *