Tags: ,
Нов закон, стари проблеми

Што (требаше да) донесе новиот закон за оданочување на возилата?

» Од први јануари 2020-та на сила стапи новиот закон за оданочување на новите и стари возила кои ќе се увезуваат во државата. Со него дотогашните акцизи отидоа во пензија, а место нив надлежните воведоа нов систем за оданочување на возилата. Во него, при пресметување на давачките, еколошката компонента се внесеува на голема врата. Одлично, нели – за поголемите загадувачи, повисоки давачки. Но дали овој закон во суштина смени нешто во смисла на дишењето на почист воздух преку повисоки давачки за поголемите загадувачи? Ни случајно! Ова се аргументите, па просудете и сами.

Како прво, новиот закон се однесува само на новоувезените возила, што значи дека на никој начин не се засегнати веќе регистрираните возила кои ги има речиси половина милион. Последниве години просечно се увезуваат по околу 30 илјади користени возила, бројка која во однос на постоечкиот возен парк претставува околу 6%. И сега целиот бес ќе го фрламе врз возилата кои сé уште не се увезени.

Второ, криењето зад екологијата во најмала рака е некоректно. Според независните испитувања во загадувањето на Скопје (слично е и во останатите градови) возилата учествуваат со едвај една петина (19,8%). За останатите ⅘ допрва ќе се испитува!

Трето: законот во суштина претставува пресликување на хрватскиот важечки модел. Убаво звучи, Хрватска е во ЕУ па мора, нели, да има и „добри“ закони. Но, во таа бивша ЈУ-република состојбата квалитативно се разликува од нашата. Во Хрватска, која има популација само два пати повеќе од Македонија (иако ние и не знаеме баш колку нé има) од ’91 па наваму годишно се продаваат во проесек по над 50 илјади нови возила, а кај нас таа бројка е за десетина пати помала. Тој факт резултира со огромна разлика во просечната старост на автомобилите која кај нас е само нешто под 20 години. И сега ние пресликуваме закон, кој патем речено и кај нив се подготвува за замена.

Четврто: никој не може да се оттргне од впечатокот дека најпогодени со новиот закон ќе бидат купувачите со најнизок буџет. Оние кои ќе можат да си дозволат 30 и кусур илјади евра за електрично возило ќе бидат ослободени од давачки. Но бидете сигурни дека нема да се најдат не повеќе од десетина такви.

Петто: според која процедура ќе се утврдува емисијата на штетни гасови? Користените возила имаат вградени катализатори кои се „потрошен“ материјал, односно нивната функционалност зависи од многу фактори. Може да се случи релативно ново возило да има поминато многу километри, притоа да биде лошо одржувано, па неговиот катализатор да е целосно вон функција. Ќе го проверува ли тоа некој при увоз или ќе им се верува на бројките напишани во хомологацијата кои важеле кога возилото било ново?

Воопшто нема да шпекулираме со коефициентите според кои во иднина ќе се даночат возилата, но лесно може да се воочи фискалната позадина на носење на еден ваков закон. Екологијата и емисијата на штетниот CO2 ќе послужат како одлична маска која ќе има двојна улога – едната за прикривање на намерите за дополнително полнење на буџетот, а втората за покажување на божемна грижа за животната средина. По неуспешните обиди минатата година со субвенционирањето на хибридни и електрични возила, потоа со несреќната идеја за субвенционирање при купување стари возила, сега повторно невешто влетавме на лизгав терен. Да не ги споменуваме малиот милион недоречености во уредбите на законот, како што е третманот на хибридните возила кои воопшто не се класифицирани ниту прецизно опишани. Но, тоа е некоја друга тема.

Да не испадне дека само критикуваме притоа не давајќи никакви решенија, еве само неколку идеи. Примарната моторизација на нацијата е веќе завршен процес, затоа треба вниманието да го насочиме кон веќе регистрираните возила и да преземеме адекватни мерки за постоечкиот возен парк. Техничкото оддржување, прочистување на DPF филтрите, стимулирање на вградувањето на плински уреди и на крајот ригорозна контрола на емисијата на штетни гасови при техничките прегледи се само поеклатантните примери. Елегантно решение би претставувало старосно ограничување на возилата (пр. до 10 год.) или пак подигнување на еколошката норма на Euro 5 или 6. Се разбира, со детална проверка на издувните гасови при самиот увоз.

Посебна приказна е стимулирањето за купување нови возила. Тука постои огромен потенцијал кој мора да се искористи. Пример, договори со комерцијалните банки за плаќање на учество или пак на каматите за возила кои не надминуваат одредена сума. Искуства со ваквите методи има при купувањето на станови кои се неколкукратно поскапи од, на пример, некое возило од Б-сегментот.

Ова се само првични идеји (кои се веќе разгледувани) но истите тешко заживуваат делумно и поради чекањето на некој сеопфатен закон. Предлог на таков закон веќе беше во процедура, но каков се донесе е друга приказна. А какви ќе бидат ефектите од закон за оданочување на возилата? Тоа е прилично лесно да се прогнозираа – никакви!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *