Од два до дванаесет, па и повеќе
» Возните својства, звукот, комфорот поради вибрациите – сето тоа зависи од бројот на цилиндрите на моторот. Американските и скапите европски возила често имаат V8 мотори. Друга крајност се двоцилиндричните мотори кои во живот ги врати Fiat. Бројот на цилиндри битно ги одредува карактеристиките на автомобилот, но и неговата статусна позиционираност. Иако сега во овие современи времиња каде владеат хибридите тој факт полека бледее, бројот на цилиндри е своевиден показател на величината, перформансите и цената на секој автомобил.
Најчести се моторите со четири цилиндри кои се стандард за поголем дел од автомобилите. Но од средината на ’90-тите години прво меѓу помалите автомобили започнаа да се пробиваат и трицилиндричните мотори кои стигнаа и до лимузините на BMW. Помалиот број цилиндри ги намалува тежината, отпорите, потрошувачката и производствената цена, но донесува и малку понемирна работа. Со повеќе цилиндри моторот работи помирно, а и звукот му е попривлечен. Токму заради тоа многу купувачи на поскапи автомобили не сакаат ни да слушнат за помалку од шест цилиндри, без оглед што таквите мотори се поскапи за одржување и повеќе трошат. Заклучок е дека при изборот на моторот за автомобилот подеднакво се важни рационалните и емоционалните причини.
2 цилиндра – како во Fiat 500
Моторите со помал број цилиндри имаат помалку подвижни делови (клипови, клипници, лежишта и друго), а поголемите цилиндри пак подобро мешање на смесата на воздух и гориво и нејзино подобро согорување. Но ваквите мотори изворно работат немирно, што се решава со вградување оска за урамнотежување. Денес се реткост кај автомобилите.
⊕ помалку делови
⊕ помала тежина
⊕ помала потрошувачка
⊝ немирна работа
⊝ неопходна оска за урамнотежување
3 цилиндри – како во Toyota Aygo
Оваа концепција на моторите во минативе години доживеа најголем пораст. И за нив важат работите кажани за двоцилиндричните, но кај помалите конструкции можни се изведби и без оска за урамнотежување. Со помош на турбокомпресор можат да испорачаат сериозна моќност и се среќаваат и во возила од средната класа, како што е Ford Mondeo.
⊕ компактна изведба
⊕ поволна потрошувачка
⊕ поевтино одржување
⊝ неубедлив звук
4 цилиндри – како кај Volkswagen Golf
Ова е оптимална концепција на моторите бидејќи може да се користи во широк дијапазон на работна зафатнина за возила со различна големина и намена. Посебно е погодна за попречно вградување и има најдобар сооднос на битните својства, а сразмерно едноставната конструкција обезбедува и поволна цена. Кај моторите со поголема работна зафатнина потребни се оски за урамнотежување.
⊕ ускладени својства
⊕ најширока примена
⊕ поволна цена
⊕ компактна изведба
⊝ потребно е урамнотежување за поголемите изведби
5 цилиндри – како кај Audi TT
Необична концепција која порано масовно ја користеа Audi, Mercedes и Volvo, а денес поретко се среќава. Се одликува со специфичен и атрактивен звук, а заради изведбата посебно е погодна за попречно вградување во автомобили со поголема сила.
⊕ возбудлив звук
⊕ погодна за попречно вградување
⊕ добар компромис
⊝ сложена изведба
6 цилиндри – како кај BMW серија 5
Во изведбата со линиски поставени цилиндри каква што се среќава кај BMW тие се најдобро урамнотежените мотори. Имаат најмирна работа и сразмерно најлесни клипни механизми, без оски за урамнотежување. Поголем дел од производителите сепак се решаваат за V-изведбата која има покомпактни димензии и може да се вградува и попречно, а Porsche користи боксер конфигурација.
⊕ мирна и тивка работа
⊕ долговечна изведба
⊕ претставуваат статусен симбол
⊝ тешко попречно вградување на линиските изведби
8 цилиндри – како во Mercedes S-класа
Некогаш најчеста концепција кај автомобилите од високата класа, исклучиво во V-изведба, која обезбедува најдобро искористување на просторот под хаубата. Има мирна работа и специфичен звук, кој истовремено е и статусен симбол. Во последно време се потиснати од турбо шестцилиндричните, па дури од хибридните четирицилиндрични мотори.
⊕ најпогодни за високата класа
⊕ поволно искористување на просторот
⊕ претставуваат статусен симбол
⊝ висока цена
10 цилиндри – како кај Lamborghini Gallardo
Оваа необична концепција која се докажа во формула 1 денес се среќава само кај Lamborghini и најспортските модели на Audi. Овозможува својства на V12 мотор во помало, но покомплексно за изведба пакување.
⊕ искуства од формула 1
⊕ погодни за централно вградување
⊕ комбинација на V8 и V12
⊝ комплексна изведба
⊝ висока цена
12 цилиндри – како во Rolls-Royce Phantom
Како симбол на висока ексклузивност сега многу ретко се среќаваат, практично ги имаат само пар производители како Rolls-Royce и Aston Martin. Оваа концепција обезбедува совршен баланс и најголем углед, но заради големиот број делови и склопови е најскапа и најтешка за изведба.
⊕ совршен баланс
⊕ само за најелитните автомобили
⊕ умерено оптоварување
⊝ многу делови
⊝ висока цена