»
Зошто поскапуваат новите возила?

Секоја нова генерација со нови цени

» Сведоци сме дека доаѓањето на нова генерација возила, без исклучок, значи и нови видно повисоки цени. Примери можат да се најдат кај сите импортери – промоцијата на нов модел редовно значи и поголеми бројки во нивните ценовници. Поскапувањето некогаш е значително – пример кај возилата од Б-сегментот (i20, Polo, Rio, Ibiza, Fiesta, Clio, 208, Corsa…) тоа е во износи кои достигнуваат и до фантастични 40%! Ако претходните генерации често знаеја да не ја преминат границата од 10 илјади, сега стартот започнува од 13 па дури и од 14 илјади евра. Практично нема модел кој не го потврдува ова.

Кое е објаснувањето на импортерите?

Најпрво да кажеме дека никој од увозниците не е пресреќен со ваквиот развој на настаните. Едноставно мора да го прифатат диктатот од производителите. А тие, пак, главно се правдаат со новите регулативи – најчесто споменувани зборови се: опрема, нови мотори, безбедносни мерки, екологија… Судрени со овој проблем, продавачите на нови возила избегнуваат дури и да ги објавуваат цените – на билбордите каде што се појавуваат новите модели стана нормална појава наместо цената да бидат отпечатени сумите за месечната рата. Јасно е дека ова изгледа прилично невешто прикривање на вистинската цена во обид да биде привлечено вниманието на потенцијалните купувачи, без оглед на тоа што не можат да влијаат на зголемувањето на цените кои им ги диктираат производителите и покрај последиците кои доаѓаат преку намалување на продажбата.

Тогаш, која е вистинската причина?

Во тек е четвртата револуција во производството на автомобили. Факт е, производителите се приморани да вградуваат сé повеќе безбедносна опрема. Но, тоа за нив и не претставува некој посебен напор. Многу посериозен е случајот со исполнување на новите еколошки норми, бидејќи европските регулатори наметнаа висок ритам за тоа. Згора на тоа сега се пресметува и просечната емисија на целата гама, чие надминување повлекува строги финансиски казни. Тоа автоматски значи сопирање на постарите технологии кои се пласираа на пазарите вон ЕУРусија, Турција, Блискиот Исток

Меѓу нив, за жал заради цените, а за среќа заради животната средина, припаѓавме и ние, што значеше добивање на нови возила со малку постари (и поевтини) технологии. Сега тоа е минато и во иднината е зачекорено со сé поголема продукција на електрични возила, кои, нели, имаат нулта емисија на штетни гасови и со тоа ги намалуваат надминувањата на просечната емисија и ублажуваат понекогаш драконските пенали на кои се изложени производителите. А нивниот развој е ѓаволски скапа работа – бара ангажирање на големи истражувачки ресурси. Сметката на крајот ја плаќа купувачот на сериските возила, меѓу кои најзастапени се токму споменатите модели од европскиот Б-сегмент.

Скапиот развој рамномерно се распределува и на останатите класи, но секако, највеќе се чувствува кај поевтините возила. Оправдувањето за вградување на елементи од автономните системи кај повисоките класи само делумно го прикрива вистинскиот трошок на кој се изложени производителите. Поради фактот што развојот на електрични возила како и дополнителното намалување на емисиите на штетни гасови кај класичните мотори е процес кој ќе потрае подолго време, реално е да очекуваме понатамошен раст на цените кај сериските возила.

Испрати коментар

Вашата е-мајл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *