Да се биде технолошки лидер има своја цена
» Иако понапредна, Pumpe-Düse технологијата на Volkswagen мораше да отстапи пред common-rail системите. Причините за тоа се високата цена, потешкото исполнување на еколошките норми и во подоцнежната фаза пречувствителноста на механиката. Имено, VW ја разви сакајќи да го задржи лидерското место во дизел технологиите и започна да ја вградува во своите мотори при крајот на деведесеттите години, скоро во исто време кога се појавија и првите автомобили со модерни common-rail системи. Уште тогаш стана јасно дека иако овозможуваат слични перформанси, common-rail е во предност заради поедноставната механика и поевтиното производство. Pumpe-Düse технолошки беше понапреден, но дури ни Volkswagen кој произведуваше милиони дизел мотори кои скапо ги наплаќаше не можеше да ги игнорира фактите, иако скоро цела деценија замижуваше пред нив и се противеше на деловната логика. На крај откако сите други се одлучија за common-rail системите, мораше да попушти и да се приклони кон нив праќајќи ја во историјата Pumpe-Düse технологијата во која вложи многу труд и средства за развој.
Pumpe-Düse системите како што кажува самиот нивни назив кој во превод е пумпа-бризгалка, на секој цилиндар имаат посебен склоп кој се состои од интегрирана пумпа за висок притисок (мајсторски кажано бош-пумпа) и бризгалка. Постигнуваат притисок на вбризгување од 2.000 до 2.200 бари, заради што имаат поголема ефикасност и нешто пониска потрошувачка, но работат малку побучно и посурово. Common-rail системите (во превод заеднички вод) кои работат на нешто помал притисок имаат можност за попрецизно подесување на вбризгувањето на горивото кое се одвива во три фази, со дури до девет импулси. Благодарение на тоа моторот испушта помалку штетни материи во издувните гасови и работи потивко и помеко. Volkswagen се обиде да ги намали недостатоците на својата технологија користејќи пиезоелектрични бризгалки, но тоа предизвика помала доверливост на моторите.