Првиот модел на марката
» Додека Фердинанд Порше се занимаваше само со инженерската работа и конструираше автомобили за други, неговиот син Фери имаше малку поголеми амбиции и после втората светска војна започна да работи на спортски автомобил кој сакаше да го произведува. Првиот резултат беше 356, чиј прв прототип тој лично на денешен ден 1948 година го изнесе на тест возење во местото Гминд во австриска Корушка каде беше седиштето на младата компанија што ја беше основал заедно со својата сестра. Овој алуминиумски родстер со две седишта користеше многу компоненти од Volkswagen Буба, вклучувајќи го и централно поставениот 1,1 литарски мотор навиен на 35 коњски сили. Тежок само 585 kg, со него лесно постигнуваше 135 km/h. Подоцнежните прототипи и сите рачно и сериски произведени модели од 356 имаа изменета конструкција, но го задржаа духот креиран со овој автомобил кој денес се наоѓа на почесно место во музејот на Porsche во Штутгарт.