16 цилиндри во 2 мотора
» Во 1935 година кога Scuderia Ferrari беше (полу)официјален тркачки тим на Alfa Romeo, Енцо Ферари, сакајќи на своите возачи да им даде доволно моќен автомобил за да се борат со конкуренцијата од Auto Union и Mercedes, реши да се направи болид со два мотора. Времето беше кратко, но идејата изводлива – во шасијата на тркачкиот едносед Alfa Romeo P3, еден од моделите од успешната 8C серија, беа вградени два линиски осумцилиндрични мотори со волуметриски компресори кои вкупно имаа 6,3 литри и 540 коњски сили. Двата мотора, еден сместен на вообичаеното место пред возачот а вториот зад него, беа споени на уникатен начин – силата од задниот мотор се пренесуваше преку карданско вратило кое минуваше низ менувачот директно до замаецот на предниот мотор. Заедничката сила, од диференцијалот поврзан на тристепениот менувач се пренесуваше на задните тркала со две полуоски поставени во V.
Беа направени два примерока – првиот на денешен ден 1935 година беше покажан на новинарите и тестиран на автопатот Бреша-Бергамо каде возачите Атилио Маринони и Тацио Нуволари надминаа 280 километри на час, изјавувајќи дека се уверени дека може да достигнат и 340 km/h со неколку модификации. Но тие ги забележаа и проблемите со пренесувањето на големата излезна моќност и несигурниот баланс заради нерамномерната дистрибуцијата на тежината кои беа причина да изостанат позначајни спортски резултати. За брзината сепак беа во право – после само два месеца Нуволари постигна дури 364 километри на час.
Alfa Romeo 16C Bimotore е познат и по тоа што е првиот автомобил на кој се среќава логото на Ferrari.