Фабриката на Tesla во Берлин ги доби дозволите, но…
» Германија не е Америка или Кина, заради што идејата на Елон Маск за отворање на фабрика на Tesla во околината на Берлин не помина така глатко. Напротив, таа дури сега, откако практично беше подготвена за да започне со производство, ги доби потребните градежни дозволи без кои не требаше ниту темел да постави. Но сето ова се случуваше со амин на надлежните, кои иако целосно ги почитуваа процедурите, не инсистираа да се запре градбата на инвестицијата тешка милијарди. Но ниту сега, иако се тврди спротивно, Tesla сепак ги нема сите до една потребни дозволи, иако формално-правно би било поточно да кажеме дека може да остане без некоја од нив ако не ги исполни условите под кои тие се издадени.
Што сé се случуваше со оваа фабрика е мачно да се прераскажува – зависно од вашите позиции према општеството ќе сметате дека едните биле во право, а другите само ја злоупотребувале демократијата. Сепак факт е дека лоши чекори се повлечени и од двете страни, но уште поголем е дека тешко може да се најде сила која ќе ја спречи веќе изградената фабрика на Tesla да започне со редовно производство. Но исто така и дека нејзините менаџери нема никогаш да бидат оставени раат.