Загадувањето на воздухот однесе 12.000 животи
» Големиот Смог е настан во британската историја кој се пишува со големи букви – буквално, бидејќи како последица на загадениот воздух што го сардиса Лондон од 5 до 9 декември 1952 година згаснаа 12.000 животи. Според прелиминарниот извештај на министерството за здравство кој никогаш не беше довршен првичните проценки беа 4.000 починати и околу 100.000 загрозени, но после доста време се откри дека многу луѓе кои таа зима починаа од грип, всушност ги загубиле своите животи како последица на токсичната магла. Таа беше толку густа што јавниот превоз не сообраќаше, итните служби не интервенираа а беа откажани и многу настани во затворени простории бидејќи маглата навлегуваше во нив и низ затворени врати и луѓето на концерти и во кино салите и театрите не можеа добро да ја видат сцената односно платното на кое се проектираа филмовите. Видливоста беше намалена на неколку метри, а во некои делови на градот каде немаше сообраќај кој колку-толку ја растеруваше маглата, дури и на метар и нешто. Уличните светла навечер не можеа да се пробијат низ маглата а луѓето не може да ги видат сопствените стапала кога пешачеа.
Причината за овој настан е комбинацијата на невообичаено ниските температури и тивкото време без ветришта, антициклон кој го „зароби“ студениот воздух под слој топол воздух и преголемото загадување што доаѓаше од користењето на неквалитетен јаглен за греење и производство на струја – квалитетниот јаглен се извезуваше за да се платат воените долгови. Иронично е и што филтрите вградени на една од термоцентралите придонесоа загадувањето да биде поголемо бидејќи прочистениот чад имаше пониска температура од околната и место да се издигнува во атмосферата, се таложеше на земјата. За загадувањето придонесе и укинувањето на електричните трамваи претходно таа година и нивната замена со дизел автобуси.
Лондон има проблеми со лошиот квалитет на воздухот уште од 13-тиот век, ама овој настан е најлош во целокупната историја на Велика Британија. Поука сепак беше извлечена и веднаш се пристапи кон преземање низа активности и донесување законски решенија за подобрување на ситуацијата.