За инает на Енцо
» За првиот автомобил на Lamborghini кој дотогаш произведуваше само трактори е врзана интересна приказна. Имено, откако Феручо Ламборгини за инает на Енцо Ферари реши да направи подобар спортски автомобил од него (прочитајте повеќе за тоа тука), тој ангажираше неколку талентирани дизајнери и инженери, меѓу кои беше и Џото Бизарини кој тукушто го беше напуштил Ferrari. Нему му беше доверена задачата да направи V12 агрегат, за кој покрај фиксно договорената сума би му бил платен и бонус за секоја коњска сила повеќе што ќе ја извлече во споредба со еквивалентен таков на Ferrari. Но откако тој си ја заврши работата и направи техничко ремек-дело, Феручо му најде замерки дека моторот бил премногу „тркачки“ и побара од него да направи измени во конструкцијата и да му ја намали силината за да биде порафиниран за возење, но и да издржи најмалку 70.000 километри. Бизарини, нормално, одби да го стори тоа, а Феручо одби да му плати, за на крај работата за заврши на суд а Lamborghini да го користи овој мотор и дериватите изведени од него сé до 2010 година!
Во меѓувреме, концептот со ознака 350 GTV кој се подготвуваше во еден зафрлен дел на фабриката за трактори (фабриката во Сант’Агата Болоњезе сé уште се градеше) беше завршен за само четири месеци, без притоа воопшто на техничарите да не им бидат дадени ниту точните димензии на моторот. Кога конечно дојде време за финализирање на концептот тие открија дека во него нема место за моторот чии шест карбуратори со по две грла имаа вертикални всисници за воздух. Заради тоа на првото претставување на селектираните гости во фабриката автомобилот беше со отворена хауба, за утредента за прикажување на салонот во Торино моторот да биде изваден и изложен од страна, а просторот предвиден за него наполнет со цигли и хаубата запечатена за да не може да се отвори. Концептот кој немаше ниту педали ниту бришач на ветробранското стакло, сопирачките не му функционираа и светлата не му се отвораа, заради својот изглед наиде на мешани но сепак главно добри реакции на специјализираните новинари. Но публиката, иако зашеметена, реагираше млако во споредба со очекувањата на Феручо Ламборгини, заради што на серискиот модел 350 GT кој подоцна произлезе од него беа направени сериозни измени. Некои карактеристични детали, како на пример шесте издувни цевки и панорамски заобленото задно стакло, сепак беа задржани.
Заради сето ова, овој прв направен автомобил со знакот на Lamborghini едноставно беше фрлен во едно правливо ќоше во фабричките простории (а едно време и надвор од нив, на отворено) и заборавен сé до средината на ’80-тите години, кога го купи еден нивни италијански дилер и колекционер. Тој го доби во очајна состојба, со изваден мотор и без управувач и инструменти во внатрешноста, но со неколку предлози како да го доведе до возна состојба – всушност она што на времето требале да го направат во Lamborghini, ама не го направиле. После успешната репарација која траеше пет години беше продаден на еден јапонски колекционер, а денес тој има свое почесно место во фабричкиот музеј.