Tags:
Објаснуваме: Што е диференцијалот и зошто служи (видео)

Како работи диференцијалот?

» Диференцијалот се користи кај сите возила со четири и повеќе тркала – исклучок се квадрициклите кои можат, ама не мора да го имаат. Основната функција му е да обезбеди возење без пролизгување на погонските тркала предизвикано заради разликата на патот што го поминуваат. Имено, во свиоци внатрешното тркало поминува помал пат од надворешното. Доколку тие се вртат со иста брзина, неминовно ќе дојде до нивно пролизгување. Заради тоа потребно е тие да се вртат со различна брзина – надворешното со поголема, а внатрешното со помала. Тоа се постигнува со механички склоп со два спротивно поставени чиниести запченика споени со тркалата преку полувратилата и два планетарни конусни запченика чии оски се вметнати во куќиштето задвижувано од погонското вратило со помош на уште еден пар запченици, конусни кај возилата со надолжно поставен мотор и цилиндрични кај оние со попречен. Овој пар запченици кој всушност нема никаква улога во диференцирањето на брзината на тркалата се нарекува главен преносник и служи за редукција на брзината на вртење на моторот, еднаш веќе редуцирана во менувачот.

Со својата планетарна конструкција диференцијалот го разделува вртежниот момент на погонските тркала задвижувајќи ги во согласност со патот што треба да го поминат, кој кога се вози право е идентичен, а кога се свртува различен. Затоа и недостаток на диференцијалот е кога едно тркало ќе наиде на подлога со помал отпор, односно кога ќе почне да се врти во празно (на мраз или во кал, на пример), другото воопшто не се врти или пак се сврти со значително губење на погонската сила. Заради тоа се вградува блокада на диференцијалот која може да биде изведена на два начина – со користење на запченици со назабување со зголемено триење или со вискозни спојки на секое полувратило кои имаат улога на кочници. Со напредокот на електрониката се појавија и решенија во кои вискозните спојки се заменети со електромагнетни, а сé почесто место нив се користат сопирачките со активирање само на онаа на тркалото кое пролизгува во празно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *