Создадени за тјунинг
» Иако четирицилиндричните мотори отсекогаш биле најраспространети во автомобилската индустрија, сепак кога се бараше повеќе сила производителите посегаа по агрегати со повеќе цилиндри – шест, осум, десет, дванаесет, па дури и шеснаесет. Меѓутоа, четирицилиндричните мотори имаат докажано дека можат да се носат со поголемите од нив како на трките така и на патиштата. Фабричките инженери, а посебно светот на тјунингот имаат покажано дека четирицилиндричните мотори се способни за импресивни бројки. Ова се дел од најславните такви агрегати.
Honda F20C
Honda со децении има некои од најфасцинантните четирицилиндрични мотори во автомобилската индустрија. Меѓу нив посебно место припаѓа на легендарниот агрегат на родстерот S2000 претставен на почетокот на новиот милениум. Со ознака F20C, овој 2,0 литарски атмосферски мотор испорачуваше 250 KS, а можеше да се врти до импресивни 9.000 вртежи во минута. Иако и стандардните бројки заслужуваат почит, ентузијастите брзо открија дека е способен за огромни количини сила. Само со ремапирање на електрониката и замена на некои компоненти лесно може да испука 400 KS. На пазарот се нудат и гарнитури за продолжување на одот, зголемување на компресијата, други клипови и брегасти оски, како и унапредени системи за ладење и вбризгување на горивото, со кои се добиваат и до 600 KS.
Mitsubishi 4G63T
Осумдесеттите започнуваа кога Mitsubishi ја претстави спортската верзија на Lancer под чија хауба смести дволитарски турбо агрегат со ознака 4G63T. Поклониците на марката го паметат овој момент како раѓање на легендата – тој беше срце и душа на Lancer Evolution со кој Mitsubishi долги години владееше на рели патеките. Заснован на блок од леано железо способен да издржи многу што, овој мотор во зависност од годината и моделот во кој се вградуваше испорачуваше од 170 до 320 KS, а со екстензивните фабрички модификации кај некои посебни едиции лансирани претежно во Велика Британија, и повеќе од 400 KS. Тоа само по себе ги покажува практично неограничените тјунерски потенцијали на овој агрегат – во комбинација на адекватно ремапирање, поголем турбо компресор и високоперформансни внатрешни компоненти, стигнува до монструозни 800 KS.
Nissan SR20DET
Во 1989 година Nissan лансираше моќна верзија на лимузинскиот Bluebird со погон на сите четири тркала задвижувана од нов четирицилиндричен агрегат со импресивни карактеристики. Означен како SR20DET, овој алуминиумски турбо мотор со работна зафатнина од 2,0 литри беше изведен во исто време да биде и перформансен и издржлив. Затоа и се најде и во бројни други модели на марката, вградуван попречно или надолжно, со погон на предните, задните или сите четири тркала. Испорачувајќи од 200 до 250 KS во зависност од моделот и годината, во стандардната форма овој мотор не претставуваше ништо посебно. Затоа пак благодарејќи на својата архитектура поседуваше огромен потенцијал за тјунирање, кој веднаш беше забележан. Со широкиот спектар постпродажни компоненти лесно се трансформира според желбата и џебот на ентузијастите. За извлекување околу 400 коњски сили потребни се ремапирање на компјутерот, бризгалки по побрз проток на гориво, други пружини на вентилите и брегасти оски, како и поголем турбо компресор со засилен систем за ладење. Со екстремни преработки пак кои вклучуваат проширување на цилиндрите, ковани клипови и клипници и твин-турбо поставка, неговата моќ може да се приближи до четирицифрена бројка.
Toyota 2AR-FE
На прв поглед на овој четирицилиндричен агрегат на Toyota кој дебитираше 2008-мата во северноамериканската верзија на третата генерација на RAV4 не му е местото тука, но тјунерите не мислеа така. 2AR-FE е алуминиумски атмосферски 2,5 литарски мотор со две брегасти оски во главата конструиран да биде ненадминливо издржлив, што посочува дека може да поднесе многу повеќе од фабричките 180-тина коњски сили. Експериментирајќи со неговите можности тие открија дека со ремапирање и додавање на комбинација на турбо и механички компресор, заедно со посебен издувен систем лесно се добиваат 300 коњи. Ако пак на тоа се додадат и модификации како нови брегасти оски, ковани внатрешни компоненти, перформансен систем за вбризгување, ревидирана всисна гранка и слично, овој во основа евтин мотор наменет за семејни прилики ќе исфрли дури и 600 KS.
GM 2.2 Ecotec, втора генерација
И овој во Европа непознат мотор без дилема поседува исклучителен тјунинг потенцијал. Потценет од купувачите бидејќи и тој се вградуваше во обични автомобили без никакви спортски предиспозиции, втората генерација на Ecotec 2.2 агрегатот на General Motors беше направен да биде евтин за производство и робусен за експлоатација. Претставен во 2007-мата, фабрички располагаше со 145 до 155 коњски сили, но цврстиот блок и издржливите внатрешни компоненти беа мамка за тјунерите кои со натполнење, перформансни брегасти оски и уште некои поевтини унапредувања, со соодветно ремапирање на електронската контролна единица како од шега од него извлекуваа 350 до 400 KS. Оние пак кои беа доволно храбри длабоко да ја вовлечат раката во џебот, со сеопфатни модификации го претвораа во ѕверка со преку 1.000 KS која можеше да понижи многу извикани V8 модели.