Tags: , , , ,
ФИНАЛИСТ – Автомобил на годината во Македонија 2021
»  

Seat Leon

Во тек е он-лајн (https://coty.mk/#vote) гласање каде моделот што ќе освои најмногу гласови ќе има еден рамноправен глас при изборот. Со цел да можете да се запознаете подобро со финалистите и да гласате за вашиот фаворит обезбедивме рамноправно претставување на секое возило. Резултатите од гласањето на жирито, финалистите и јавноста ќе биде познато на почетокот на март. Претставувањето на финалистите е по случаен избор. Он-лајн гласањето трае до 28 февруари 2021 година до 23:59 часот.

» На шпанскиот претставник во компактната класа отсекогаш се гледало како на поспортска алтернатива на Golf наменета за помладите купувачи, но тој е повеќе од тоа и во однос на него претставува вешто смислена комбинација на „нешто исто, нешто различно“. Токму на таа формула е базиран успехот на Seat Leon, кој во својата четврта генерација е пригушено поагресивен и во однос на претходникот, и во однос на Golf. Подолг е за 86 mm но малку потесен и понизок, а меѓуоскиното растојание нараснато за 50 милиметри ветува помалку главоболки за патниците назад. Главната карта на која играат Шпанците се емоциите во дизајнот кој е доволно атрактивен да привлече секого, без разлика колку му се допаѓа неговата спортската душа, и тоа исклучиво по заслуга на складноста на линиите. Иако исто така е базиран на минималистичкиот стил, исчекорот во внатрешноста е похрабар, посебно во повисоко опремените верзии. Во нагласените остри линии се вплетени бројните технолошки додатоци, кои престојот во кабината го прават попријатен.

Технологии, и тоа најнови, има и под хаубата. Моторизацијата започнува со еднолитарскиот бензинец со 90 и 110 коњски сили, па преку 1,5 литарскиот TSi со 130 и 150 коњи оди до моќниот дволитарски мотор со 190 KS. Верзиите со 110 и 150 KS се достапни и со 48-волтна хибридна поддршка, а онаа со 130 коњи и со погон на природен гас. Не се заборавени ниту љубителите на дизелите на кои на располагање им се дволитарските TDi агрегати со 115 и 150 коњски сили. Врв на понудата е плаг-ин хибридот чија основа е 1,4 литарскиот TSi, со максимални 204 коњи и батериски пакет со капацитет од 13 kWh кој овозможува електрична автономија од 60 километри. Понудата е заокружена со изборот на мануелни или DSG менувачи со пет, шест или седум степени на пренос, во зависност од моторот. Мудро распределените и пополнети пакети опрема и цената која во Македонија стартува од 19.536 евра се уште еден адут со кој располага Leon. Друг адут е што сето ова се надополнува со неговите верзии лансирани под амблемот на ново креираната марка Cupra.

Повеќе за изборот, он-лајн гласањето, критериумите и сите досегашни победници посетете ја страницата www.coty.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *