Tags:
Трицилиндрични бензински мотори од новата генерација (2*видео)

Добар компромис или нешто сосема друго…

» Дизелгејт аферата која започна да го тресе светот во 2015-тата дојде како порачана за стратезите од авто-индустријата за промовирање нешто друго, помалку атрактивно за купувачите но попрофитабилно за нив. Продорот на хибридите во тој момент беше спласнат а електричните автомобили ги имаше како лек на рецепт, па така во прв план избија трицилиндричните бензински мотори. И порано ги имаше, но нивните нови генерации со турбо компресор и директно вбризгување на горивото веќе не можеше да се сметаат за играчки со звук на мелница за кафе. Дека се сериозни агрегати покажува нивната голема литарска моќност која кај големосериските модели се движи од 100 до 150 коњски сили, а кај спортските изведби и повеќе. Затоа и со леснотија можат да задвижуваат и поголеми автомобили, како на пример Ford Mondeo, BMW серија 3 и DS 7.

Помалиот број цилиндри ги намалуваат тежината, отпорите и потрошувачката, што донесува големи предности кои се сметаат за заслуга, односно обележје на downsizing концепцијата. Имаат помалку делови, поголемите цилиндри ги намалуваат површините на кои настанува триење и механичките и топлотни губитоци, а се намалуваат и негативната работа на компресијата и трошењето енергија за забрзување на подвижните компоненти. Покрај тоа, се постигнуваат и повисоки работни притисоци и температури на согорување. Исто така, со полесен мотор можат да се олеснат и трансмисијата, ослонувањето, сопирачките и слично, што придонесува за дополнително намалување на потрошувачката. Има уште – помалиот мотор на дизајнерите им овозможува намалување на челната површина на автомобилот и понизок коефициент на отпор на воздухот. Сето тоа ја зголемува ефикасноста и она што го даваат четирицилиндричните 1,6 или 2,0 литарски мотори тие го обезбедуваат од 1,0 или 1,2 литри, трошејќи 10 до 20 отсто помалку. Но, треба да се нагласи, само кога се возат умерено – кога ќе се нагазнат, си трошат…

Предности:

пониската потрошувачка за 10-20 отсто е голем адут, бидејќи стануваат алтернатива на дизелите од кои работат помирно и еколошки се подобри

помалата тежина за 20 до 40 kg во однос на споредлив четирицилиндричен атмосферски мотор ги подобрува перформансите и балансот, со што и лежењето на патот е подобро

поголемиот вртежен момент при пониски вртежи ја зголемува еластичноста, заради што делуваат посилни од атмосферските мотори

Недостатоци:

одржувањето бара поголема дисциплинираност – потребно е поскапо моторно масло, сервисните интервали не смеат да се растегнуваат, а сервисирањето во неовластен сервис може да биде погубно

задржувањето на вредноста на возилото е дискутабилно – со право треба да се смета на скептичноста на идните потенцијални купувачи, кои сигурно ќе се прашаат колку чинат турбокомпресорот и бризгалките

економичноста исчезнува кога ќе се нагазнат – тогаш иако мали, овие турбо бензинци влечат како големи, а така и трошат

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *