Едно од најважните возила во поранешната држава
» Робусен, лесно подвижен и неуништлив – TAM 2000 што сите го знаеме како Тамче, беше едно од најважните комерцијални возила во поранешната држава. Конструиран со камионска шасија, беше дело на југословенските инженери. Се појави во 1961 година со релативно слаб мотор од 56 коњски сили кој се произведуваше по лиценца на Perkins. Носивоста му беше два тона и беше наменет за пократки, градски и приградски работи. Со текот на годините добиваше нови бројни изведби – камион, фургон, минибус, со различни меѓуоскини растојанија и во целост ги задоволуваше потребите на стопанствениците. Овој мал камион со големи можности се развиваше главно со нови посилни мотори и нови ознаки, но основната концепција и изгледот практично останаа исти. Започна да умира со распаѓањето на Југославија, иако Словенците упорно му го продолжуваа животот. На крај ја надживеа и матичната компанијата и се произведуваше сé до 2000-тата.