За иднината, инспириран од минатото
» Некои меѓу 15-тината покажани и уште толку најавени нови електрични возила на Toyota до крајот на деценија веднаш го привлекоа светското внимание. Еден од нив е Compact Cruiser за кој со оглед на пазарните трендови слободно можеме да кажеме дека е и најинтересен. Асоцира на некогашниот FJ Cruiser чии специфични линии како инспирација верно се пренесени од минатото во иднината. Несекојдневниот изглед и стил на концептот добиен како спој на футуристичките и ретро елементи му дава прилична впечатливост. Електричниот погон пак значајни теренски можности, заради што од Toyota велат дека и покрај компактните димензии тој не е некаков градски SUV туку способен теренец на што упатуваат тркалата и сериозното растојание од подлогата. На неколкуте фотографии извлечени од промотивното видео може да се види и ентериерот, кој со двата дисплеа и малиот управувач е во согласност со најактуелните трендови.
Јапонците, мора да им признаеме, вешто ја испровоцираа јавноста но сепак останаа скржави за некој екстра податок – за него не објавија ама баш ништо. Она што се знае е дека Compact Cruiser дефинитивно ќе оди во сериско производство, ама кога, освен дека ќе биде пред 2030-та што сепак е предалеку, останува мистерија. Чекајќи го, ни останува да се надеваме дека ќе ги задржи маркантните црти на концептот.