BMW iX3
» Трансформацијата на класичниот X3 во iX3 гледано од надвор се чини како сосема лесна операција. Со исклучок на ситни дизајнерски детали тие се идентични. Вистинскиот зафат се состоеше од отстранување на моторот со внатрешно согорување и вградување на електромотор, со кој заедно доаѓа и сет батерии сместени во подницата. При вакви суштински промени тежината е фактор без кој не може да се изгради никаква стратегија. На таа позиција конструкторската математика покажала одлични резултати. Електричниот модел тежи 2.185 kg што во однос на најтешкиот модел од линијата X3 M40d е незначително зголемување. Во поглед на димензиите разликите помеѓу класичниот и електричниот модел се сведени во рамки на 1 сантиметар, додека меѓуоскиното растојание е идентично. Ова е уште една потврда на универзалноста на CLAR платформата.
Тоа што сите нетрпеливо го очекуваа се однесува на автономијата и брзината на полнење. Официјалните бројки говорат за капацитет на батериите од 80 kWh од кои за погон се на располагање 74 kWh што е доволно за автономност од 460 километри. Приклучени на брз полнач од 150 kW, полнењето до 80% од капацитетот се врши за само 34 минути. За погон овој BMW користи само еден електромотор со моќност од 282 KS и вртежен момент од 400 Nm. Поставен на задната оска, заради што овој модел е доаѓа само со погон на задните тркала. Максималната брзина електронски е ограничена на 180 km/h, а iX3 од мирување до 100 km/h забрзува за 6,8 секунди. Сите овие параметри во некоја идна М-изведба веројатно ќе бидат подобрени со едноставно вградување на уште еден електромотор напред.
Како плод од соработката помеѓу BMW и Brilliance, iX3 се произведува во Кина и е првиот кинески автомобил од корпорацијата кој се извезува на европскиот пазар. Цената му изнесува скоро колку X5 – 66.300 евра.