Лажги со опашки
» Луѓето во различни земји имаат различна доверба во продавачите на половни автомобили. Едно истражување спроведено во 17 земји во кои учествувале 4.500 лица покажува колкави се разликите. Генерално, купувачите во западните земји од Европа имаат поголема доверба во продавачите на половни автомобили отколку во источните, каде разните малверзации се почести. Така, луѓето најмногу им веруваат на продавачите на половни возила во Велика Британија (оценка на довербата 122,2), Финска (120,4), Словенија (109,7) и Германија (109,4). Меѓутоа, тоа не значи и дека тие навистина ја заслужуваат, барем не сите. На пример во Велика Британија километражата е враќана кај 14,5% од автомобилите, што укажува на тоа дека пазарот на половни возила не е доволно транспарентен. Впрочем, бидејќи Британците повеќе им веруваат на продавачите на возила, тие се и поподложни на измами. За нивна среќа ги штитат спецификите на британскиот пазар на кој бројот на увезени половни автомобили е мал.
Од друга страна, најниска доверба во продавачите на половни возила имаат купувачите во Бугарија (79,5), Унгарија (80,5), Литванија (81,6) и Естонија (88). Во овие земји, како што добро знаеме од примерот на нашиот сосед, измамите при продажбата на половни автомобили се нешто сосема нормално и очекувано. Освен далеку пониската километража од реалната се среќаваат и возила кои имаат учествувано во потешки сообраќајни незгоди па дури и украдени.
Интересно е што поподложни на манипулациите се постарите возачи кои повеќе знаат за техничките аспекти на автомобилите – очигледно сметајќи дека тешко ќе ги прелажат, 55 отсто од нив им веруваат на продавачите на половни автомобили. Или поточно кажано веруваат во тоа што тие мислат дека е вистина. Од помладите пак и луѓето кои малку знаат за автомобилите, само 17,5 отсто имаат доверба во нив.