Реално не, но се препорачливи
» Секој сопственик на понов дизел автомобил без грижи може да го вози без да додава адитиви во горивото. Сепак автомеханичарите знаат да советуваат да се додава нешто во него – најчесто автоматско масло или некој адитив за бризгалките за да се продолжи нивниот животен век. Иако нивните аргументи не држат, тие понекогаш се во право, посебно ако точите гориво на „сомнителни“ места. Според прописите и практиката на дистрибутерите на гориво, секој дизел е адитиран со сé што е потребно, во зависност од годишното време во кое го точиме. Адитивите, било тие или ние да ги додаваме, обезбедуваат не само квалитетно согорување туку и отпорност на горивото на излачување парафини (мрзнење) при ниски температури и мазивост која е важна за трајноста на пумпата за висок притисок и бризгалките бидејќи тие се подмачкуваат исклучиво со горивото. Затоа специјализираните адитиви од проверени производители можат да бидат корисни и препорачливи, но не и маслото за автоматски менувачи или некое друго масло, како што беше случај во постарите класични дизел мотори.