Многу сила во мало пакување
» Напредокот на моторните технологии прави чуда – за многу сила повеќе не се потребни агрегати со повеќе цилиндри и голема работна зафатнина. Прво турбо системите направија чудо, следеше директното вбризгување на горивото за сега со електрификацијата производителите можат да извлечат повеќе коњски сили од помалку кубни сантиметри, притоа мислејќи и на економичноста. Битно кај овие агрегати е и што се лесни и мали по габарити, што на конструкторите и дизајнерите им овозможува поголема слобода во креативноста и постигнување подобри перформанси, посебно кога ќе се сместат во возила од обичните класи. Следниве примери токму тоа го потврдуваат.
Volkswagen EA888
EA888 е прилично популарен мотор. Претставен 2007 година, тој најде место во бројни модели на групацијата Volkswagen. Затоа и има многу изведби, а неговото постојано усовршување до доведе до четвртата генерација, која со леснотија ги извлекува коњските сили од двата литра работна зафатнина. Рекордот е точно 333 колку што имаат Audi S3 и најновиот Golf R, додека максималниот вртежен момент изнесува 420 Nm.
Toyota G16E-GTS
Инженерите на Toyota сериозно ја сфатија задачата кога марката реши да лансира врела верзија на Yaris. Користејќи ја целата својата стручност тие го скроија G16E-GTS агрегатот кој просто фасцинира со своите можности – има три цилиндри, работна зафатнина од 1,6 литри и во корегираното издание испорачува неверојатни 305 KS и 400 Nm.
Volvo B420
Следејќи ја својата стратегија за унифицирање на производството на моторите, Volvo успеа да конструира широка палета агрегати базирани на една иста основна архитектура. Дволитарскиот бензински претставник го има префиксот B420, а неговата најпотентна верзија кога се среќава кај најмоќните изведби на неговите модели располага со 310 KS и 400 Nm. За постигнување на тие бројки инженерите искористија две техники на натполнење – со турбо и механички компресор.
Mercedes M139
Mercedes ги изненади сите кога кажа дека во некои од своите AMG модели место V8 ќе вградува четирицилиндрични агрегати. Храброста да бидат дрски германските инженери ја добија од дволитарската М139 единица, која во своето издание наменето за плаг-ин хибридните верзии на GLC и C-класата испалува неверојатни 476 KS и 545 Nm. Ако на ова се додадат и електричните коњски сили и њутн-метри, чуда се возможни.
Koenigsegg TFG
Ако сето ова ви изгледа фасцинантно, тогаш за агрегатот на Koenigsegg наменет за Gemera не постојат вистински зборови кои го опишале освен оние што Швеѓаните ги користат – Tiny Friendly Giant, на скратено TFG, односно мал пријателски џин. Има три цилиндри и два турбо компресора и од двата литра работна зафатнина испорачува 600 KS и 600 Nm. Плус на сé тежи само 70 kg.