Прогресивен автомобил за модерен животен стил
» Некој ќе каже дека ваков модел не се вклопува во гамата на BMW но ќе згреши – Active Tourer серијата 2 е чистокрвен Баварец иако се произведува во Лајпцих. Прогресивен за модерен животен стил, единствениот моноволуменски модел на марката тргна на своето второ патување наречено живот, на чиј пат е и Македонија. Го видовме, се запознавме со него, а сега да ве запознаеме и вас.
Функционалноста, технологиите, препознатливото BMW задоволство при возењето и неверојатно прогресивниот пристап во дизајнот го карактеризираат новиот BMW серија 2 Аctive Tourer. „Новиот BMW серија 2 Active Tourer е одговор на предизвиците на секојдневното урбано живеење: спој помеѓу потребите за урбани активности и активности во природа, индивидуалниот и фамилијарниот живот, градските и далечните патувања. Тој им нуди на патниците сместени на неговите пет седишта, забележително подобра удобност на подолги растојанија отколку неговиот претходник. Со совршен спој на префинетост и практичност, тој е сé што му треба на едно современо семејство“, ни кажа Билјана Колемишевска, одговорна за маркетинг комуникации и ПР во М-Кар на претставувањето на модел кој зрачи со авторитативен дизајн, простор и го нуди најновото BMW дигитално искуство.
Втората генерација на спортскиот сестран автомобил од премиум компактниот сегмент изобилува со визуелна динамика, нов дизајнерски јазик за надворешноста и внатрешноста, кои пак му даваат динамичен изглед и современ амбиент. Неговата суштински редизајнирана внатрешност комбинира разновидни новитети од полуксузните BMW автомобили. Геометријата на кабината и многуте детали се инспирирани од концептот на внатрешноста на импозантната BMW iX технологија, Ова создава прогресивен премиум амбиент, чии најважни елементи ги вклучуваат тенката инструмент табла, BMW Curved Display, заснован на новиот BMW Operating System 8 „лебдечкиот“ потпирач за раце со интегрирана контролна табла и сеопфатно намалување на бројот на физички контролни елементи. Внатрешната камера е еден корисен и забавен новитет кој им овозможува на патниците да си направат селфи фотографија за време на патувањето и да си ги испратат фотографиите на својот смарт телефон.
Прогресивниот премиум карактер на новиот BMW серија 2 Active Tourer е нагласен и со обемната стандардна спецификација. Неговата едноставна функционалност и опсегот на стандардна опрема која значително ја надминува опремата на неговиот претходник го прават особено атрактивен за активните луѓе со динамичен стил на живеење. Згора на тоа, новиот BMW серија 2 Active Tourer е предводник во компактниот сегмент кога станува збор за системи за помош на возачот, контрола/работење и комуникациски иновации. Стандардната спецификација вклучува: BMW Maps систем за навигација, спортски кожен волан, двозонски автоматски клима уред, Parking Assistant заедно со Reversing Assist Camera и Reversing Assistant, Cruise Control со brake function, Lane Departure Warning, сензор за дожд со контрола на бришачи и автоматско активирање на предните светла и многу други системи кои го олеснуваат возењето и го зголемуваат уживањето.
Јасниот дизајн, впечатливиот преден дел и динамично издолжените пропорции се заслужни за неговиот спортски изглед и самоуверена појава. На предниот дел на автомобилот, овие квалитети се највидливо изразени преку впечатливата BMW бубрежна решетка која има зголемени димензии и тенките контури на предните светла. Новиот BMW серија 2 Active Tourer има целосно ЛЕД предни светла како стандардни. Овој автомобил е веќе во продажба и достапни се четири варијанти на моделот: со преден погон и моќност од 136 до 218 KS. Новиот модел се произведува во фабриката на групацијата BMW во Лајпцих и ќе се нуди со мотори со внатрешно согорување, како и плаг-ин хибрид. Две нови такви верзии ќе се приклучат на серијата неколку месеци по претставувањето. Кај нив за првпат ќе биде вклучена BMW eDrive технологија од петтата генерација, која ја зајакнува динамиката и им дава значително подолг електричен опсег.