Предизвик за урбаните метежи
» Opel ја изненади јавноста претставувајќи го електричниот Rocks-e, кој е негова верзија на Citroen Ami. Раководството на компанијата во овој мал електричен автомобил виде голем потенцијал – во Германија може да се вози со 15 години. Симпатично дизајнираниот двосед долг 2,4 и широк 1,4 метри има електромотор од 8 KS и батерии од 5,5 kWh. Максималната брзина му изнесува недоволни 45 km/h, а автономијата доволни 75 km. Може да се полни на обичен штекер, за што се потребни само три и пол часа. Внатрешноста е младешки уредена со жолти детали, држачи за телефон и панорамски покрив, а вратите му се отвораат асиметрично, во спротивни насоки. Причината за ова чудно конструктивно решение е намалувањето на трошоците за производство бидејќи вака левата и десната врата се идентични.
Продажбата во Германија ќе започне есенва – онлајн и во одбрани дилерства, а низ другите земји ќе се појави во 2022 година. Цените не се познати.