Од Ford преку Opel, Simca, Renault и Volkswagen до JAC
» Некогаш познатиот руски производител на автомобили втемелен е 1929 година кога во околината на Москва започна изградба на фабрика за лиценцно производство на Ford Model A и AA. Следеше автомобил кој беше копија на Kadett, а после втората светска војна Црвената армија на име воени репарации го запленува целокупниот производствен погон на Opel од Бранденбург и преселува во Русија. Во него во 1946 година започнува да се произведува автомобил под името Москвич 400 за кој наводно лично Сталин инсистирал издавајќи уредба за тоа и забранувајќи да се прават било какви измени во неговата конструкција.
На средината на ’50-тите пристигнува моделот 402 како прв развиен од страна на советските инженери, а во ’60-тите и моделите 408 и 412 за кој некои тврдат дека има копиран мотор од BMW 1500. Оваа трета генерација автомобили Москвич која се истакнуваше со американизиран облик на каросеријата е доста позната и во нашите краишта. Последниот успешен модел беше Aleko од 1986-тата настанат со политичка одлука да се копира Simca 1307. Падот на комунизмот во ’90-тите значеше и крај на дотогашната историја која ја продолжија Renault кој во дел од напуштената фабрика започна со производство на Logan, како и Volkswagen кој успеа да ги обезбеди правата на името Москвич.
Но сето тоа се смени со западните санкции против Русија и кратко откако во 2022-рата сопственоста на фабриката беше префрлена на градските власти на Москва таа беше рестартирана, со нова гама возила која е базирана на модели од кинескиот JAC.