Добри пневматици место 4×4 погон
» Чести се случаите кога возачите купуваат возила со 4×4 погон без стварна потреба. Некои тоа го прават заради статусот што такво возило им го носи, други пак бидејќи имаат потреба да возат на подрачја со неасфалтирани патишта, што им создава непријатности. Реалноста е дека автомобил со погон само на предните тркала, квалитетни пневматици, систем за спречување на пролизгувањето на погонските тркала со електронска блокада на диференцијалот може да ги совлада практично сите нагорници во нормална експлоатација. 4×4 погонот заради дополнителната механика (два диференцијала, полувратила на сите тркала, карданско вратило и централна спојка) има за 80 до 100 kg поголема тежина и за 8 до 13 отсто повисоки отпори заради што потрошувачката на гориво се зголемува најмалку за литар. Треба да се знае дека кај поголемиот дел од современите возила 4×4 погонот не е постојан туку се вклучува автоматски, кога електрониката на возилото ќе препознае потреба од тоа. Затоа подобра варијанта е да се избегнува возењето во екстремни услови отколку да се експериментира дали возилото ќе помине или не.
Кај возилата со постојан погон распределбата на влечната сила на сите тркала обезбедува повисоки перформанси, поголема управливост и подобра стабилност. Но тоа има и негативен ефект бидејќи возачите кои се склони кон поостро возење токму заради него ги преценуваат можностите на автомобилот. Тоа се сфати уште при крајот на ’80-тите години кога Audi дојде до сознанија дека бројот на несреќи на моделот 100 со Quattro погон е поголем отколку кај возилата без него. Факт е дека автомобил со 4×4 погон во исти услови ќе помине низ свиок со поголема брзина отколку без него, но ако пролизга тогаш многу потешко се контролира. Најлошото влијание пак што го има 4×4 погонот е што сопствениците на вакви возила често мислат дека во зима можат да возат со летни пневматици, што е опасна заблуда. И за крај, со 4×4 погон векот на траење на пневматиците е за 10 до 20 отсто пократок.