1951 General Motors LeSabre (2*видео)
» Поствоеното будење на американската автомобилска индустрија во педесеттите години донесе интересни концепти. Еден од најзначајните е LeSabre, кој General Motors го претстави во 1951 година. Во вселенскиот дизајн инспириран од авионите беа интегрирани неколку стилски елементи кои станаа вообичаени за автомобилите што се појавија во тој период, како што се заобленото ветробранско стакло, хромираните шилци на предниот браник и перките на задните крила. Некои пак како што се светлата скриени во лажниот централно поставен всисник за воздух останаа само во фантазијата на неговиот креатор Харли Ерл, кој го користеше како лично возило две години.
LeSabre не беше авангарден само по изгледот како од некоја друга планета. Тој изобилуваше и со доста напредни технички решенија како што се каросеријата од алуминиум, магнезиум и фиберглас, електричната инсталација од 12 волти (повеќето возила од тој период имаа 6 волти), загреваните седишта, сензорот за дожд кој го активираше затворањето на покривот, електричните дигалки интегрирани во шасијата кои помагаа при менувањето на тркалата… Компресорскиот V8 мотор од 3,5 литри имаше алуминиумски блок и работеше на бензин или метанол, а автоматскиот менувач му беше сместен назад.