Мал автомобил, голем успех
» Со децении целејќи кон поимотните купувачи, најмалиот Peugeot до почетокот на седумдесеттите години беше претставителниот 204 кој сé уште го паметиме. Тогаш се случи чудо – практично без никакви најави во септември 1972-рата беше лансиран еден од првите и најуспешни модели во новата, тукушто оформена европска класа супермини возила од Б-сегментот. 104 беше првиот Peugeot со единица напред во ознака и прв после 1955 година кој немаше дизел мотор бидејќи беше премногу мал за него, имаше должина од 3,6 метри и на почетокот само 4 врати, односно иако каросеријата му имаше облик на хечбек, немаше задна врата за багажникот. Нормално, тоа набргу беше исправено и 104 во подоцнежните години најпрво се појави во верзија со 3 врати која беше скратена за 30-тина сантиметри, а потоа и со 5 врати.
Се опремуваше со серија четирицилиндрични мотори со зафатнина од 954 до 1.360 cm³ со моќност меѓу 45 и 93 KS, кои за да се добие простор за над него да се смести поставено резервното тркало практично беа легнати наназад. Тоа нималку не им се допадна на сервисерите кои дури и за рутинските зафати мораа да го вадат моторот од каросеријата, но на купувачите не им пречеше. Доказ за тоа е што опстана цели 15 години на пазарот за кои во фабриките на Peugeot во Франција и Алжир се произведоа повеќе од 1,6 милиони примероци. 104 всушност беше толку успешен што Peugeot не можеше веднаш да му најде наследник. Тоа требаше да биде 205 кој се појави во 1983 година, но 104 остана во производство паралелно со него уште пет години. Беше основа и за Citroen LN и Talbot Samba, како и за неколку необични прототипи – седан, караван (и од него изведена доставна варијанта), пикап, родстер…