Од Исланд до Малта, од Еквадор до Кина
» Модерната механика и практичната каросерија со петта врата беа привлечни за многу купувачи на Zastava 101, не само на овие простори туку и ширум светот – од вкупно произведените 1.045.458 примероци извезени се 224.851. Најмногу во Полска – 33.520, каде во периодот од 1973 до 1983 година се произведуваше. За разлика од останатите возила од Источниот Блок, Zastava 101 имаше поголема популарност во западните земји. Така најголеми извозни пазари (после Полска, секако) беа Грција и Велика Британија со продадени 31.723 односно 27.316 примероци. Следеа Унгарија, Египет и Алжир со 22.168, 18.911 и 14.430 возила соодветно, а добар беше интересот и во Франција (12.516) и Чехословачка (11.002).
Од останатите европски земји Zastava 101 се извезуваше уште во Холандија, Данска, Бугарија, Источна и Западна Германија, Белгија, Финска, Малта, Кипар, Норвешка па дури и на Исланд. На Блискиот Исток стигна уште во Либија, Јордан, Либан и Саудиска Арабија, а низ Латинска Америка се среќава во Чиле, Еквадор, Колумбија, Доминиканската Република, Никарагва, Панама, Костарика, Гватемала и Боливија. Ја има и во Африка и тоа во Судан и Нигерија, а покрај во Кина на другиот крај на светот се среќава уште во Индија и Шри Ланка. И за крај, Маршалот Тито му има подарено на Леонид Брежњев еден специјално подготвен примерок, така што иако не е класичен извоз можеме да кажеме дека Zastava 101 ја има и во Русија.
Собравме што можеме да собереме и најдобрите фотографии ги издвоивме во оваа фото галерија – обидете се да препознаете која од каде е.