Како некогаш мајсторите
» Така беше некогаш, многу одамна – мајсторот ќе ги начулеше ушите и ќе кажеше што го мачи автомобилот. Сега веќе не е – ние повеќе веруваме на компјутерите, а не на мајсторите. Škoda реши да ја врати традицијата на „слушање“ на работата на возилото за дијагностицирање на дефектите, но во содејство со модерната технологија. Сето тоа е спакувано во апликација за мобилен телефон со кој се снима звукот што возилото од мака го испушта. Тој потоа со помош на вештачка интелигенција се споредува со звучните записи во базата на податоци и со повеќе од 90-отстотна сигурност се дијагностицира дефектот. На мајсторите им останува да го потврдат откриеното, или пак ако апликацијата згрешила, да работат по старо, како и досега. Оваа апликација ветува големи придобивки и за клиентите и за сервисерите, бидејќи ќе го направи одржувањето на возилото поефикасно преку намалување на времето што возилата го поминуваат во сервисите, а со тоа и цената на поправката.
Од Škoda велат дека апликацијата може да препознае десет модели на звук, вклучително и оние од системот за управување, компресорот за климатизација и DSG трансмисијата со две спојки. Во нејзиниот развој помогнаа 245 дилери од 14 земји кои ги обезбедија аудио записите потребни за процесот на учење на софтверот и учествуваа во нејзиното тестирање. Натамошниот развој на оваа нова технологија предвидува вградување на специјални сензори во возилата кои ќе го слушаат звукот при работата и ќе бараат абнормалности во него. Тоа ќе овозможи превентивно делување и спречување на поголеми штети заради ненавремено откривање на дефектите. Собраните податоци тие ќе ги испраќаат директно во сервис, со што техничарите однапред ќе знаат со што ќе се соочат.