Tags: ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>2 февруари 1974 година

Уште еден експеримент на Малком Бриклин

» Малколм Бриклин, можеби најконтроверзниот американски автомобилски бизнисмен, освен што ги лансираше Subaru и Yugo во САД се има опробано и во производството на сопствени возила. Идејата која му беше да направи мал спортски и ценовно прифатлив спортски автомобил со врати кои се отвораат нанагоре започна да ја реализира на почетокот на седумдесеттите, менувајќи ги спецификациите во од. Така место тоа што иницијално го имаше замислено, на денешен ден 1974 година го претстави моделот Bricklin SV-1 чија ознака беше кратенка од Safety Vehicle, што гледајќи ги фотографиите и видеата делува сосема збунувачко, каков што впрочем беше и карактерот на сите бизниси на Бриклин во кариерата. Ваквата ознака возилото сепак ја оправдуваше со интегрираниот заштитен кафез во кабината и браниците способни да издржат судар до 8 километри на час. Но токму тоа ја зголемуваше неговата тежина заради што беше потребен поголем мотор и место првично планираниот четирицилиндричен агрегат и шестцилиндричните кои беа користени кај прототипите, во него се вградуваа моќни V8 машини. Иако беше наменето за пазарот во САД, производството беше организирано во Њу Бранзвик, Канада, чија покраинска влада за да ја намали големата невработеност инвестираше во неа 4,5 милиони долари.

Кога се појави Bricklin SV-1 предизвика голем интерес и доби доста позитивни критики од специјализираните медиуми кои дури проценуваа дека е закана за Corvette. Но лошиот квалитет и слабата негова контрола, непотизмот во работењето, недостатокот на добавувачи и работници, како и серијата зголемувања на цената која за две години нарасна двојно, му пресудија. Каросеријата му беше од иновативна пластика со дискутабилен квалитет кој се контролираше со удирање со чекан по деловите – ако не се расцветаа, тогаш се вградуваа. Вратите се отвораа нанагоре со помош на хидрауличен механизам чии електрични компоненти беа премногу чувствителни на напонот на акумулаторот и ако тој беше низок вратите не се отвораа и не можеше да се влезе во возилото. Плус на тоа немаше заштитни вентили и ако една врата се отвораше а друга истовремено затвораше, хидрауличната пумпа се расипуваше. Со ваква репутација, иако веќе воспоставената мрежа од 400 дилери низ САД му обезбеди 40.000 нарачки, Бриклин за две години продаде само 2.854 автомобили по што компанијата која само кон државата имаше долг од  21 милион долари, банкротираше.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *