За тоа време технички доста напреден
» На денешен ден 1908 година на салонот на автомобилите во Торино Lancia го претстави својот прв автомобил. Иницијално тој беше означен како Tipo 51, но откако компанијата го прифати именувањето на своите возила според грчкиот алфабет ја доби ознаката Alfa. За тоа време беше технички доста напреден – имаше прилично ниска и лесна шасија, кардански пренос и четирицилиндричен мотор со два блока од по два цилиндра кој се вртеше до високи 1.800 вртежи во минута. Развиваше 28 коњски сили и постигнуваше дури 90 km/h и од него беа изведени неколку тркачки болиди. До втората половина од наредната година беа направени преку сто примероци во повеќе изведби – од шасија преку лимузина со четири седишта до дамски отворен двосед. Се извезуваше и во Велика Британија и САД.