Еден од темелите на американската автомобилска индустрија
» На самиот почеток на 20-век браќата Џон и Хорас Доџ ја основаа компанијата која го носеше нивното презиме како производител на делови и компоненти за автомобилската индустрија во Детроит која во тоа време со големи чекори се развиваше. Успехот беше загарантиран и очекувано тој доведе до желба да имаат сопствен автомобил. Таа им се оствари на денешен ден 1914 година, кога првиот примерок на моделот Dodge 30-35, познат и како Old Betsy, беше комплетиран и по краткото тест возење на улиците на Детроит испорачан на купувачот. Имаше цена нешто поголема од конкуренцијата и повеќе напредни решенија – комплетно челична конструкција, 12-волтна инсталација, модерен менувач, двојно помоќен мотор… Со него Dodge наредната година стана четврта, а во 1916-тата и втора најпродавана американска марка.
Но тоа не траеше долго – браќата Доџ еден по друг починаа во 1920 година и компанијата без нивното водство започна да ги губи позициите и да ги менува сопствениците, за во 1928 година да ја купи Chrysler, во чиј состав делува и ден-денес.