Француски синоним за престиж
» Додека нафтената криза сé уште ги влечеше своите опашки, Peugeot во 1975 година на салонот на автомобилите во Женева го претстави моделот 604. Оваа лимузина значеше враќање на марката во репрезентативната висока класа, иако во голема мерка беше базирана на старата механика на 504. Затоа пак сé друго беше направено со голема доза на престиж – од „строгиот“ изглед преку раскошната внатрешност до V6 моторот со зафатнина од 2.644 cm³ и 136 коњски сили, кој беше заеднички со Renault и Volvo. На пазарот настапи самоуверено и наредната 1976-та која беше прва полна година кога се произведуваше, беа направени дури 36 илјади примероци. Солидните бројки се задржаа до почетокот на ’80-тите, кога продажбата од година во година се преполовуваше за на крај до 1985-та вкупно да бидат произведени 153.252 примероци, од кои 381 во погоните на Kia во Јужна Кореја.