Убавата страна на италијанската автомобилска историја
» Настанат под влијание на Citroen кој стана сопственик на Maserati во 1968 година, Bora го најави крајот на ерата во која моделите на марката важеа за брзи, но технолошки застарени. Претставен на салонот на автомобилите во Женева 1971 година, тој располагаше со бројни иновативни технички решенија во споредба со дотогашните модели, меѓу кои и независното ослонување на сите четири тркала. Некои решенија беа и доста необични, како на пример хидраулично напред-назад со притисок на копче задвижуваните педали кои заедно со управувачот што се подесуваше по агол и длабочина го олеснуваа влегувањето и излегувањето. Беше цивилизиран за возење и практичен за употреба, со багажник со нормална големина, а кабината со двојно стакло беше одвоена од просторот за моторот, сместен зад предните седишта и звучно изолиран со тапациран алуминиумски капак. На почетокот во Maserati Bora се вградуваше 4,7 литарски V8 агрегат со 310, а две години подоцна 4,9 литарски со 330 коњски сили. До 1978 година беа направени вкупно 564 примероци.