Како сé започна…
» На салонот во Токио Subaru го претстави својот прв сериски автомобил, моделот 360. Овој џуџест автомобил кој привлече многу внимание истовремено беше и доста иновативен. Тежеше само 450 kg, имаше монокок каросерија, панели од фиберглас место покрив, двотактен воздушно ладен мотор од 356 кубни сантиметри сместен назад и тристепен менувач. Настана како одговор на регулативата на јапонската влада за креирање кеи-автомобили кои требаше да придонесат за моторизација на нацијата. Заради изгледот во Јапонија го нарекуваа Буба Мара и беше достапен во повеќе изведби – со две врати, со отворена каросерија со покрив налик на Спачек, како караван, па дури и во спортска изведба. На почетокот имаше 16 KS со кои не можеше да постигне ни 100 km/h, а подоцна доби и посилни мотори со 25 и 36 KS.
Се произведуваше 12 години за кои беа направени 392.016 примероци, од кои околу 10 илјади беа увезени во САД од страна на Малколм Бриклин, човекот кој многу подоцна таму го лансираше Yugo. Заради своите карактеристики и слабата безбедност при судар со големите американски лимузини беше лошо дочекан. Дилерите не можеа да ги продадат возилата ни по две-три години лежење на плацевите, така што се зборува дека дел од нив биле исечени на парчиња, а дел фрлени во океанот.