Причината зошто Audi има четири прстени
» Интересна е приказната за амблемот со четирите прстени на Audi. На нивниот број директно влијаеше Аугуст Хорх, кој својата прва компанија на која ѝ го даде своето име – А. Horch & Cie. ја има основано во Келн во ноември 1899 година. Таа на почетокот се занимаваше со поправка на возила, а првиот сопствен автомобил е направен 1901 година, но амбициите за проширување на бизнисот наидоа на просторни и финансиски ограничувања. Беа вклучени нови инвеститори, на кои не им се допадна начинот на кој тој размислуваше. Затоа Хорх поддржан од друга група финансиери го пресели бизнисот во Цвикау, каде на денешен ден 1904 година ја регистрираше компанијата August Horch & Cie. Motorwagenwerke AG, чии возила се стекнаа со репутација на квалитетни, луксузни и технички напредни.
Но заради недоразбирањата со финансискиот директор, Хорх беше принуден да ја напушти компанијата и во 1909 година основа нова која ја нарече August Horch Automobilwerke GmbH. Арно, ама проблемите со раководството на неговата претходна компанија продолжија бидејќи тој ги беше отстапил правата за користење на неговото презиме. Откако го загуби судскиот спор, Хорх ја преименува новата компанија во Audi, што во основа е превод на значењето на неговото презиме на латински.
Во 1932 година Horch, DKW, Wanderer и Audi се спојуваат и го формираат Auto Union со четирите преплетени прстени како амблем кои ги означува компаниите од кои настана. После згаснувањето на Wanderer и DKW и спојувањето со NSU, во 1969 година компанијата го менува името во Audi NSU Auto Union AG, кое пак во 1985-тата е скратено на Audi AG.