Каква иднина има водородот како погонско гориво?
» Минатата година во светот се продадоа над 2,2 милиони електрични возила, а истовремено само неколку илјади автомобили со горивни ќелии им беа испорачани на купувачите. Во барањето на алтернативни погони кои би ги замениле автомобилите со класични бензиски или дизел мотори, електричната енергија се наметнува како логична замена. Но Toyota, Hyundai и Honda веќе подолго од една деценија во својата понуда имаат вклучено возила со горивни ќелии кои како погонско гориво користат водород.
Какво гориво е водородот?
Во суштина водородот се користи за генерирање на електрична енергија. Принципот е релативно едноставен. Во посебен модул (генератор), водородот во течна состојба се меша со прецизно одредена количина на кислород од воздухот при што во таа хемиска реакција се генерира електрична енергија и се ослободува чиста водена пареа. Потоа таа енергија се складира во батерии од кои се напојуваат електромоторите. Од оваа точка па натаму нема суштински разлики со возилата на електричен погон. Гледано од еколошки апсект овој процес изгледа прилично прифалтив, но… Токму во ова „но“ е сокриен ѓаволот. За одвивање на процесот на осмоза, користениот водород мора да биде во течна состојба што подразбира негово складирање на температури од -250 степени. На тоа ладење се троши прилично големо количество на енергија што целиот систем го доведува во прашање и покрај неговата беспрекорната еколошка прифатливост.
Предности во однос на електриката
Автомобилите на водород сами ја произведуваат потребната електрична енергија, а полнењето на водород трае само неколку минути, односно речиси идентично како кај полнењето на бензин или дизел. Од друга страна полнењето на електричните батерии може да потрае и со часови, а во случај на брзи полначи полнењето до максималниот капацитет на батериите трае барем еден час. И во двата случаи говориме за претпоставена автономија која би изнесувала околу 500 километри.
Струја или водород?
Во суштина говориме за електрична енергија која се користи за движење на возилото. Разликата е во тоа што системот со горивни ќелии овозможува сопствено генерирање на електричната енергија, додека кај електричните автомобили таа се добива од надворешни извори. Цената на возилата на водород засега се движат околу 60 илјади евра, додека електрично возило со споредлива автономија може да се добие и под 35 илјади. На негативното салдо на автомобилите со горивни ќелии се запишува и релативно скромната инфраструктура за полнење на водород. Од друга страна полначите за електрични возила ги има во сé поголем број, односно веќе се поставени на сите главни европски правци.
Во мометов предноста на електриката е евидентна. Но генерирањето на чиста електрична енергија, со дестилирана вода како емисија, е одлучувачка предност која ветува чиста иднина. Масовната примена на водородот засега е под прашање поради тоа што за производство на чист водород потребно е три пати поголема енергија отколку што тој може да генерира за погон.