Tags:
Боксер мотори – кратка историја (2*видеа)

Буба, Спачек, 911…

» Volkswagen и Porsche воопшто не се единствените европски производители кои користеа боксер мотори, но за разлика од нив кај другите среќаваме необична мешавина на доста познати и успешни модели со нејасни и промашени идеи. Првиот боксер мотор го конструирал Карл Бенц уште во 1896 година и го нарекол контра-мотор затоа што двата цилиндра биле еден спроти друг. Имал 1,7 литри и развивал 5 коњски сили, а за прв пат бил вграден во моделот Dos-a-Dos. Од тоа време употребата на ваков тип на мотори се среќава кај британските компании Lanchester (2 цилиндра) и Wilson-Pilcher (4 и 6 цилиндри), а и првите автомобили на Ford, Model A, Model C и Model F имале боксер мотори. Но тогаш оваа концепција не заживела, барем не кај автомобилите, додека заради добриот распоред на тежината и лесното воздушно ладење продолжува да се среќава кај мотоциклите и во авијацијата. Боксер моторите од заборав ги зачувуваат само ретки производители, како британскиот Jowett и чехословачката Tatra.

Работите малку заживуваат околу втората светска војна. Во 1938 година Volkswagen ја претставува Буба, чиј мотор и варијантите изведени од него ќе останат во производство долги децении и ќе се среќаваат во бројни модели, вклучително и првите генерации на Transporter, спортскиот Karmann-Ghia и поголемите Typ 3 и Typ 4. И првиот автомобил на Porsche, моделот 356 кој се појави 1948-мата го имаше тој мотор, а го имаат и сите генерации на 911 и Boxster/Cayman и други модели како што е 914. Од германските производители свои концепции имаше и Borgward групата кај моделите од своите марки Goliath, Hansa и Lloyd, како и BMW кај 600 како поголема верзија на Isetta и неговиот наследник, успешниот 700.

Доста повеќе успех имаа француските боксери. Citroen 2CV и сите негови деривати – Ami, Dyane, Mehari но и LN го користеа неуништливиот двоцилиндричен воздушно ладен мотор со едноставна концепција. Во план беше шестцилиндричен агрегат за најреволуционерниот автомобил на сите времиња, моделот DS, но со проблеми и без пари неговиот развој беше прекинат. Затоа пак за европскиот автомобил на годината 1971-ва GS беше подготвен нов модерен четирицилиндричен мотор. Модели со боксер мотори произведуваа и заборавениот Panhard и некои други помали производители како што се Hotchkiss, DAF и Puch кој го вграденуваше во лиценцно произведуваниот Fiat 500, но и американскиот Chevrolet кој го опреми моделот Corvair со назад сместен шестцилиндричен боксер кој имаше и турбо верзија. Доста значајно за автомобилската историја е и појавувањето на првиот боксер на Subaru во 1966 година развиен за моделот 1000. Четири децении подоцна јапонската компанија го има развиено и првиот сериски дизел боксер.

Боксер традиција но не толку успешна има и ИталијаAlfa Romeo користеше вакви мотори со водено ладење од раните 1970-ти до доцните 1990-ти во своите модели Alfasud, 33, Arna, 145 и 146. Lancia пак ги вградуваше во славната Flavia и нејзините наследници, моделите 2000 и Gamma. Забележано е и појавувањето на неколку модели на Ferrari кои во ознаката го имаа акронимот BB како кратенка од Berlinetta Boxer, чиј мотор технички гледано воопшто не е боксер туку V12 со агол меѓу цилиндрите од 180°. Разликата е во движењето на клиповите кое е во иста насока додека кај боксер моторите тие еден во однос на друг се движат во спротивна насока, што изгледа како да се боксуваат откаде е и називот на концепцијата. Токму оваа карактеристика со која се анулираат примарните инерцијални сили ги прави боксер моторите динамички избалансирани. Тоа ги има предизвикано инженерите на необични експерименти, како што на пример е креирањето на 16-цилиндричниот мотор на BRM за формула 1 кој концептуално беше два споени 8-осумцилиндрични боксери поставени еден над друг.

Инаку, покрај природната избалансираност која малку е нарушена со тоа што заради поврзувањето на клипниците со коленестото вратило спротивставените цилиндри малку се поместени еден во однос на друг, боксер концепцијата овозможува пониско тежиште а со тоа и подобра стабилност, како и подобра аеродинамика на автомобилите во кои се вградени, но затоа пак се поскапи и за производство и за одржување. Денес од автомобилските производители само Porsche и Subaru имаат модели со боксер мотор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *