За суво и во вода
» Многу инженери и иноватори од многу одамна биле фасцинирани со амфибиските возила како функционална комбинација за возење по суво и во вода, но без позначаен успех. Првите посериозни амфибиски возила се имаат појавено за време на втората светска војна со јасна намена. Во денешно време главно се наменети за забава, но потенцијални купувачи има малку. Причината е што не се посебно добри ни на суво, ниту во вода. Ова се некои од поинтересните.
Ford GPA Seep (1942)
Ford го замисли GPA како водена изведба на легендарниот Jeep, меѓутоа ниту приближно не беше успешен како него. Задвижуван од 4-цилиндричен 2,2 литарски мотор со 60 KS, на преработениот теренец најмногу му пречеше големата тежина, дотолку што буквално дури и најмалите бранови му создаваа проблеми. И покрај тоа Seep (што е кратенка од Sea Jeep) одигра важна улога за време на втората светска војна. Од вкупно произведените 12.778 примероци отприлика половина беа испорачани на Советскиот Сојуз, чии инженери после војната ја создадоа својата верзија GAZ 46 MAV.
GMC DUKW (1942)
Овој амфибиски камион на GMC заради техничката ознака DUKW го доби прекарот Duck (патка). Беше задвижуван со реден шестцилиндричен 4,4 литарски мотор од Chevrolet со 91 KS и можеше да повезе 24 војника со полна опрема, односно 2,3 тони товар. На пат можеше да потегне до 80 km/h, а во вода 10 km/h. Ако некогаш се провозете во некое амфибиско возило, голема веројатност е тоа да биде токму во DUKW бидејќи добар дел од произведените 21.147 примероци се конвертирани во туристички возила.
Volkswagen Typ 166 Schwimmwagen (1942)
Меѓу првите навистина употребливи амфибиски возила беше германскиот Volkswagen Typ 166. Нарекуван уште Schwimmwagen, во превод пливачки автомобил, тој беше изведен од Буба и нацистите масовно го користеа. Учествуваа и во неговиот развој давајќи им упатства на инженерите на конструкторското биро на Porsche. Беше задвижуван со четирицилиндричен воздушно ладен боксер мотор со 1.131 cm³ и 25 KS, а 4×4 погонот можеше да се вклучи само во прв степен на пренос. На пат развиваше 80 km/h, а во вода 10 km/h. Беа направени вкупно 14.276 примероци од кои поголем дел беа уништени за време на втората светска војна.
Amphicar 770 (1961)
И симпатичниот германски Amphicar 770, досега единственото колку-толку големосериско амфибиско возило, изворно беше развивано со војската на ум, но компанијата го лансираше надевајќи се на американските риболовци и спортски ловци. Затоа и беше претставено на салонот на автомобилите во Њујорк во 1961 година. Но амбициозните цели за продажба на 25.000 возила годишно ни оддалеку не се остварија. Производството беше прекинато во 1963 година, а до ’65-тата од веќе произведените делови беа склопени вкупно 3.878 примероци кои се распродаваа дури до 1968-мата. Беше задвижувано со мотор од Triumph Herald со 1.147 cm³ и 43 KS, на суво можеше да постигне 120 km/h а во вода 12 km/h.
RMA Amphi-Ranger 2800 SR (1985)
За десет години колку што се произведуваше германскиот тежок теренец Amphi-Ranger 2800 SR со амфибиски својства, беа направени само 70 примероци кои компанијата RMA специјализирана за нафтоводи, гасоводи и други слични инсталации им ги продаде главно на своите клиенти. На почеток имаше три врати и се опремуваше со 2,8 литарски бензински V6 мотор од Ford Scorpio со 135 KS, а подоцна доби каросерија со пет врати и посилни мотори. На асфалт возеше со 142 km/h, а во вода 15 km/h.
Gibbs Aquada (2003)
Налик на Mazda MX-5, Gibbs Aquada е првото амфибиско возило во светот способно да развива големи брзини – на асфалт 160 km/h а во вода 50 km/h. За погон се користеше бензински 2,5 литарски V6 мотор од Land Rover Freelander со 175 KS. Во вода тркалата му се преклопуваа со што беше обезбедено одлично ракување. Преобразбата траеше 12 секунди, а можеше да влече и скијач на вода. Направени се неопределен мал број примероци (се претпоставува околу 50) кои се продадени на ентузијасти и колекционери, неофицијално по цена од околу 200.000 евра.
Rinspeed Splash (2004)
Швајцарскиот тјунер Rinspeed познат по своите откачени креации во 2004-тата на салонот на автомобилите во Женева го претстави концептот Splash. Карактеристика му се крилцата за глисирање кои го држат на 60 сантиметри над водата на која може да постигне брзина од дури 80 километри на час. Двоцилиндричниот турбо мотор од 750 cm³ со 140 KS благодарејќи на малата тежина од 825 kg на асфалт го забрзуваше до 100 km/h за само 5,9 секунди и дотеруваше до максимални 200 km/h.
CAMI Hydra Spyder (2006)
Изгледа како аква Ferrari, а и навистина беше тоа – под агресивниот дизајн на американскиот CAMI Hydra Spyder се крие 6.0 V8 мотор од Corvette со 400 KS, кои на вода ќе го заглисираат до 85 km/h а на асфалт дотераат до 200 km/h.
WaterCar Python (2009)
Со акцент на перформансите, американската компанија WaterCar го направи Python, како велат, најбрзото амфибиско возило на сите времиња. Напред изгледа како Dodge Ram а назад како Corvette, од каде е и 450-коњскиот мотор кој на суво ќе го однесе до 204 km/h а во вода до 96 km/h, што беше доволно за гинисов рекорд. Заради преамбициозните замисли и високите трошоци за развој остана само прототип.