Tags:
Што ново донесе WLTP протоколот?

Која е разликата помеѓу NEDC и WLTP нормите?

» Сите нови автомобили мора да ги исполнуваат еколошките Euro 6d Temp (Euro 6.2) норми и тоа мерено според новиот WLTP (Worldwide harmonised Light vehicle Test Procedure) протокол. Донесен е уште во 2015 година, а стана задолжителен лани во септември. Со него се замени дотогашниот начин на мерење на потрошувачката кој се одвиваше според NEDC (New European Driving Cycle) процедурите, со цел значајно да се намали разликата помеѓу фабрички декларираната и потрошувачката во реални услови.

Развојот на новите технологии, помеѓу кои сé поприсутни се хибридните и чисто електричните возила, дополнително им дава право на поборниците за новиот начин на мерење на потрошувачката, а директно поврзано со тоа и емисијата на штетни гасови. Техничко-технолошката идила за постигнување поскромна потрошувачка запира во истиот момент кога преку своите регулаторни тела на сцена стапува политиката. А таа е неумолива: повисока потрошувачка (поголема емисија на штетни материи) автоматски ќе значи и повисоки давачки.

Кога WLTP процедурите ќе се стават во контекст на Euro 6d Temp нормите, целата приказна се комплетира. Компликациите остануваат за техничките развојни екипи! Ова Temp во ознаката јасно дава до знаење дека нормите важат само привремено, односно до јануари идната година кога ќе станат официјални. Тогаш и просечната емисија на целата гама на возила на еден производител не смее да надмине количина на CO2 од 95 gr/km. Тоа во пракса би значело дека дизелските мотори треба во просек максимално да трошат 3,7 додека бензинските варијанти 4,0 литри на 100 километри, секако со мерења изведени според WLTP протоколот.

За да го издржат овој двоен напад, производителите мораа да вложат многу напори. И многу пари! Цехот на крајот секако го плаќаат сите купувачи на нови возила. Дали некој е изненаден што во меѓувреме секој новопристигнат модел за дваесетина проценти е поскап од својот претходник?

Гледано од технички аспект WLTP процедурите даваат далеку пореални резултати отколку стариот начин на мерење. Јасно, и при двата начина се употребуваат во лабораториски услови. Додека со NEDC процедурите се изведуваше еден мерен циклус во должина од 11 km со просечна брзина од 34 km/h, со WLTP се изведуваат четири динамични циклуси во должина од 23 km со просечна брзина од 46,5 km/h. Уште две разлики во начинот на мерење се суштествени. Досегашниот начин на мерење вкупно траеше 20 минути со симулирање на максимална брзина од 120 km/h, додека новиот начин трае 30 минути а максималната брзина изнесува 131 km/h. Сето кажано недвосмислено укажува на фактот дека со WLTP процедурите се постигнуваат многу пореални резултати. Згора на тоа предвидени се строги протоколи и за мерење на хибридите, како и за чисто електричните возила.

Зошто волку галама? NEDC протоколот го започнува својот историјат во доцните 80-ти. Интензивниот технолошки развојот драматично ги промени автомобилите па мерните процедури воопшто не ја изразуваа реалноста за брзината со која се празнат резервоарите за гориво. Од друга страна усвојувањето на новите еколошки стандарди се базираше токму на податоците добиени со овој протокол. Сето тоа резултираше со нереални бројки кои се објавуваа во техничките карактеристики. Со така добиените бројки потрошувачите ја изгубија довербата, а даночниците останаа покуси во прибирањето давачки. На крајот еве се свестија. Производителите ќе си го наплатат својот труд, даночниците ќе соберат повеќе пари, а цехот ќе го платат купувачите.

А каде е екологијата во оваа приказна? Таа тука служи само како перфектен изговор. И онака секоја подлабока анализа за деградација на природата дава сомнителни резултати. Важно европските даночници ќе си ја постигнат целта – просто и едноставно до повеќе пари!

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *