Адио за вечни времиња или се чека на поволен момент?
» Исправен пред новите предизвици, Fiat размислува за враќање во игра на старите имиња на своите модели. За Topolino веќе слушнавме, се шушка и за 600 и Multipla, но никој не го споменува Punto, моделот кој ја изнесе на своите плеќи италијанската компанија низ нејзините најтешки периоди. Тоа посебно важи за неговата трета генерација со техничка ознака Project 199 која долгата кариера ја стартуваше во 2005-тата и после цели 13 години ја заклучи без наследник. Не постигнувајќи го успехот што се очекуваше од него и уморен од сé што мораше да поднесе, ќе остане запаметен по повеќе нешта, меѓу кои и по тоа што три пати го менуваше своето име – беше претставен како Grande Punto, во 2009-тата заедно со редизајнот го доби името Punto Evo, а три години подоцна со вториот редизајн стана Punto.
Дизајниран од Џуџаро, беше поставен на истата платформа како и Opel Corsa од четвртата генерација настаната за време на краткотрајниот брак со GM. Гаснењето на неговото производство кое беше најавувано во повеќе наврати се случи во 2018-тата. Претходно во 2014-тата британскиот Top Gear го вклучи на листата најлоши автомобили кои можете да ги купите, а во 2017-тата помина катастрофално на EuroNCAP тестирањата освојувајќи нула ѕвездички, што е уверливо најлошиот резултат во историјата. Имаше кариера и во спортот. Посебно беше популарен меѓу аматерските тркачи заради ниската цена и широката достапност на делови, а Abarth го преработи и за настап во европскиот рели шампионат во категоријата Super 2000 со дволитарски мотор со 280 коњски сили. Интересно е и тоа беше направена и тркачка дизел верзија со 1,9 литарски мотор со 210 KS.
Fiat Punto од третата генерација се произведуваше во фабриките во Мелфи и Торино.