…Но сепак пристигнува
» Volkswagen се обврза да исплати околу 36 милиони реали (6,5 милиони американски долари) отштета и донации за да се искупи заради помагањето на воениот режим во Бразил од 1964 до 1985 година.
Комисија назначена од владата која ги истражува злоупотребите за време на бразилската диктатура откри докази дека некои компании, меѓу кои и VW, тајно и помагале на војската да ги идентификува осомничените „субверзивци“ и синдикални активисти на нивните платни списоци. Голем дел од работниците потоа беа отпуштени, приведени или малтретирани од полицијата и со години не беа во можност да најдат нова работа. Во согласност со договорот потпишан со федералните обвинители околу половина од сумата ќе се исплати на здружението на поранешните вработени и лицата зависни од нив, а остатокот ќе биде дониран за разни активности поврзани со човековите права.
Властите во Бразил ја започнаа истрагата за прогонот на работниците за време на воената диктатура дури во 2015 година. Според соопштението на Volkswagen таа открила соработка меѓу некои негови вработени и агентите на воениот режим, додека нема јасни докази за институционална вмешаност на самата компанија.