Стероиди за моторот
» Ако се сака од моторот да се извлече поголема сила, треба да му се достави поголема количина гориво, кое за да согори му е потребна и поголема количина воздух. Тоа се постигнува со компримирање на воздухот кој се внесува во цилиндрите – колку е поголем неговиот притисок толку повеќе ќе собере во комората за согорување. Задача да го сторат тоа имаат компресорите, кои ги има повеќе видови. Можеби со ретки исклучоци, барем во автомобилската индустрија, денес единствено преживеан е турбо компресорот, но низ историјата не беше така. Разни производители до пред неколку децении користеа разни решенија – прв уште во 1923 година тоа го стори Mercedes, а беше и еден од последните кој произведуваше мотори со механички компресори пред да премине на турбо техниката.
Самата изведба на овие мотори е поедноставна од онаа со турбо компресор. Механичкиот склоп на компресорот се задвижува со ременица од коленестото вратило на моторот, одземајќи му мал дел од силата. Механичкиот компресор има подолг работен од турбо компресорот и најчесто трае колку и самиот мотор. Не бара посебни решенија за подмачкување, а и не се загрева како турбо компресорот. И најважното, ефектот од неговата работа е присутен уште при низок број вртежи. Недостатоци му се поголемата цена и помалата ефикасност во однос на турбо компресорите.