Одговор на вечната дилема
» Со појавувањето на стрелките на инструмент таблата кои покажуваат кога возачот треба да смени во степен нагоре, повеќето од нас останаа затечени – спротивно на нашите мислења тие се палат многу порано, околу 1.500 кај дизелите и некаде под 2.000 кај бензинците. Но и покрај инаетот дека нашето знаење е поголемо отколку она на инженерите, сепак треба да го почитуваме нивното бидејќи да не е така, тие сигурно не би го така извеле.
Станува збор за способноста на работата на моторот на ниски вртежи која е основа за економичноста. Теоретски, моторот специфично е најштедлив (но не апсолутно туку според соодносот на испорачаната сила и потрошеното гориво) некаде околу вртежите каде се остварува најголемиот вртежен момент. Но тоа важи само кога педалата за гас е максимално притисната – колку е помалку притисната, толку подрачјето каде моторот работи најштедливо се поместува кон пониски вртежи. Во реалноста многу ретко имаме потреба од максималната сила што може моторот да ја испорача, а и тогаш кога имаме, на пример при ризични престигнувања или возење на нагорници со товарена приколка, сигурно нема да мислиме на економичноста. Заради тоа, спротивно на теоријата, апсолутно најниската потрошувачка на гориво се појавува на доста пониски вртежи отколку што мислиме.
Мануелните менувачи ни овозможуваат ние самите да контролираме кога ќе смениме степен на пренос, нагоре или надолу. Во тоа клучна улога има искуството, кое во комбинација со стилот на возење ни овозможува лесно да се прилагодиме на најштедливите режими на возење. Но битно е да не го мачиме моторот со прениски вртежи, посебно при нешто поголеми оптоварувања. Ако возиме со повисоки вртежи не е опасно, тој само ќе потроши нешто повеќе гориво. Но и покрај тоа не треба да се плашиме да ги почитуваме насоките на инженерите во однос на тоа како ги наштимале стрелките кои покажуваат кога да смениме во степен нагоре – тие подобро ги познаваат можностите на техниката што ја создале. Затоа на пример некои современи дизел модели веќе на илјада вртежи мирно работат и го движат возилото низ град во петти или шести степен на пренос. Тоа е овозможено со соодветни технички решенија како што се совршено прецизното балансирање на клипниот механизам и вградувањето на две оски за придушување на вибрациите.
Треба да пазиме ваквото менување на степените на пренос да го правиме само при ниски оптоварувања, при умерено забрзување или возење на надолници. Ако оптоварувањата се поголеми, на пример при возење на нагорници, тогаш настанува дебаланс, со што се зголемува трошењето на виталните делови, што возачот го чувствува дека моторот се мачи. Сепак вистина е дека ако менуваме степен нагоре при нешто повисоки вртежи, разликите во заштедата на горивото се толку мали што се тешко мерливи.